Сојузот на социјалдемократи на Македонија оценува дека Владата на Христијан Мицкоски јавно го потврдила она на што опозицијата со месеци предупредува – дека државниот буџет е во сериозна криза и дека во него недостигаат значителни средства. Повод за ваквите обвинувања е изјавата на министерката за енергетика Сања Божиновска, која, според СДСМ, отворено признала дека финансиската состојба е далеку од стабилна.
„Како што знаете, Буџетот не ни е во најдобра состојба, меѓутоа ќе видиме“, изјавила Божиновска, што, според СДСМ, претставува директно признание дека државната каса е празна. Од партијата велат дека оваа изјава е уште еден доказ дека во буџетот недостигаат најмалку две милијарди евра, како што претходно повеќепати укажувал и претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Според опозицијата, додека Владата тврди дека нема средства за зголемување на платите и пензиите, истовремено непречено се реализираат, како што велат, сомнителни и криминални јавни набавки. СДСМ наведува дека има пари за 161 тендер доделени на една фирма, за 51 тендер преку општините за „омилена фирма“, за девет милиони евра за двајца вработени, како и за 1,2 милиони евра доделени на фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта.
Од партијата обвинуваат дека единствено за граѓаните нема средства, посочувајќи дека Владата одбива да ја зголеми минималната плата на 600 евра и дека со ваквата финансиска политика ја турка државата кон економска криза. Според СДСМ, следниот чекор на Владата ќе биде задолжување со скапи кредити, по што, како што тврдат, ќе следи и реализација на проектот „мигранти за пари“.
СДСМ предупредува дека веќе започнал прилив на странски „економски работници“, додека домашните работници остануваат без соодветна заштита и без повисоки примања. Партијата оценува дека се остваруваат нивните претходни најави и дека признанијата од самата Влада само ја потврдуваат, како што велат, сериозноста на финансиската состојба во која се наоѓа државата.



