Основниот суд Кочани ги прифати барањата на Обвинителството и одреди мерки за 18 новоосомничени лица во проширената истрага за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“.
Како што потврдија од Судот за државната агенција МИА, за четворица е одреден 30-дневен притвор, шестмина добија куќен притвор и мерки за претпазливост, додека на осуммина им се изречени само мерки за претпазливост согласно Кривичниот законик. Осомничените имаат право на жалба во рок од 24 до 72 часа, во зависност од изречената мерка.
Со ова, бројот на осомничени во истрагата се искачи на 45 физички и три правни лица. Сите, вклучувајќи ги и претходните 27 физички лица и трите фирми, се товарат за „Тешки дела против општата сигурност“. Истрага се води и против седум полициски службеници од Штип и Кочани.
СО НЕПРОВЕРУВАЊЕ НА ДИСКОТЕКИТЕ И КЛУБОВИТЕ, ДИРЕКЦИЈАТА ЗА ЗАШТИТА И СПАСУВАЊЕ СО ГОДИНИ ГИ ДРЖЕЛА ВО ОПАСНОСТ ЖИВОТИТЕ НА СИТЕ КОИ ГИ ПОСЕТУВАЛЕ, ВЕЛИ ОБВИНИТЕЛОТ КОЦЕВСКИ
Меѓу новоосомничените се наоѓаат тројца овластени градежни инспектори од Општина Кочани, тројца директори и еден генерален инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување (со што вкупниот број директори на ДЗС во постапката е четири), тројца поранешни министри за економија, тројца службеници и двајца државни секретари од Министерството за економија, како и четворица пазарни инспектори од ДПИ.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски на денешната прес-конференција рече дека актуелниот министер за економија не е дел од истрагата, бидејќи нема докази дека од него било барано продолжување на лиценцата за работа на клубот „Пулс“.
Еден од 19-те новоосомничени, поранешниот министер за економија и актуелен амбасадор во Норвешка, Дритон Кучи, во моментот на отворање на истрагата бил надвор од државата. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека, според најавите на Кучи, очекува тој наскоро да им биде достапен на македонските институции.
На останатите двајца поранешни министри Ваљон Сарачини и Беким Незири им е изречен куќен притвор. 30-дневен притвор доби актуелниот министер без ресор Шабан Салиу, кој беше приведен како поранешен директор на ДЗС.
The post ПРИТВОР ЗА ЧЕТВОРИЦА ОД НОВИТЕ 19 ОСОМНИЧЕНИ ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ, ШЕСТМИНА ВО КУЌЕН ПРИТВОР appeared first on 365.mk.