Пријавени 50 нови случаи на голема кашлица во изминатата недела, хоспитализирани девет од нив


Најголем дел од новозаразените, или вкупно 34, се во Скопје, а нови случаи се пријавени и во Битола, Тетово, Гостивар, Кратово, Велес и Гевгелија. Новозаболените се на возраст од еден месец до 52 години, а најголем дел се лица до четири години

Вкупно 50 нови случаи на голема кашлица се регистрирани во земјава изминатава недела, во периодот од 29 март до 4 април, што е намалување од 21,9 отсто во споредба со минатата седмица. Најголем дел од новозаразените, или вкупно 34, се во Скопје, а нови случаи се пријавени и во Битола, Тетово, Гостивар, Кратово, Велес и Гевгелија. Новозаболените се на возраст од еден месец до 52 години, а најголем дел се лица до четири години.

Од новите 50 случаи, како што информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), девет се хоспитализирани.

Во однос на вакциналниот статус на заболените, 16 лица се комплетно вакцинирани, шест се вакцинирани согласно возраста и 28 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус.

Според ИЈЗ, заклучно со 4 април, во земјава се регистрирани вкупно 399 нови случаи на голема кашлица со инциденца од 21,7/100 000 жители. Заболените се на возраст од еден месец до 78 години. Од вкупниот број на заболени, хоспитализирани се 58 лица. Најголем дел од нив, или 49, се деца на возраст до четири години.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: