Имотот Neverland на Мајкл Џексон е конечно продаден по повеќе од 10 години од смртта на пејачот. На тој имот во Калифорнија, Џексон беше обвинет дека сексуално злоставувал момче.
Инвеститорот Рон Баркл, некогашен пријател на Џексон, неодамна го купи имотот, пренесе Reuters.
Wall Street Journal објави дека Neverland, неодамна преименуван во Sycamore Valley Ranch, е продаден за 22 милиони. Пред само 5 години за имотот се бараше 100 милиони долари, а во 2017 година 67 милиони долари.
Џексон, кој во 2009 година се предозира со анестетик и почина на 50 години, имотот го купи во 1988 година, за 19,5 милиони долари. Го нарече Neverland по книгата за Петар Пан, момчето кое одби да расте.
Во Neverland имаше зоолошка градина, железница и луна парк. Џексон ги забавуваше децата кои го посетуваа местото, а едно дете во 2005 година го обвини за сексуално малтретирање. Пејачот беше ослободен од обвинението, но тоа засекогаш остави трага во неговиот живот.
Потоа, тој вети дека никогаш нема да се врати на имотот.