Превирањата во коалицијата „Вреди“ продолжуваат откако вчера коалицијата излезе со став дека одлуката на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари да одат со посебни советнички листи за советници на претстојните избори е донесена во интерес на ДУИ. Од коалицијата велат дека не го исклучиле Таравари, но дека тој со ваквата одлука се самоисклучил. Ваквиот чекор на Таравари, според коалицијата Вреди, значи проблем во Владата, но не прецизираат дали ќе побараат негово разрешување.
Лидерот на Демократското движење Изет Меџити, кој е дел од коалицијата, вчера на прес-конференција по состанокот на кој присутвуваа и лидерите на Беса, Биљал Касами и на Алтернатива, Зеќирија Ибраими, рече дека Таравари ќе мора да даде објаснување пред Албанците, но и пред гласачите на Влен за својата постапка. Според Меџити, одлуката на Таравари да оди со свои листи на изборите не се базира ниту на ставовите на партиската база, ниту на мислењето на гласачите на Алијансата на Албанците, ниту пак на независните анкети, туку е во интерес на ДУИ.
Целта, како што рече Меџити, е да се разедини коалицијата Вреди и да се врати ДУИ од клиничка смрт.
– Колкава била цената на оваа операција и дали вредело сето тоа, ќе се дознае многу брзо, рече Меџити.
Коалицијата Вреди, како што соопшти Меџити, на локалните избори ќе настапи заеднички со советнички листи и со кандидати за градоначалници, а во наредните денови ќе се формираат и заеднички изборни штабови за заеднички настап на претстојните избори.