Судењето за случајот „Монструм“ на Специјалното јавно обвинителство, за петкратното убиство на Смилковско езеро од 12 април 2012 година ќе продолжи денеска со сослушување на загрозениот сведок од страна на судот.
На претходното рочиште заштитениот сведок одговараше за прашања на адвокатите од одбраната, откако на рочиштето на 22 август заврши сослушувањето од страна на СЈО.
Одбраната се обиде со повеќе прашања, од тоа како биле облечени на минатото рочиште, до тоа дали е точно дека бил на местото на настанот или за тоа дознал од медиумите, да ја собори веродостојноста на исказот на загрозениот сведок.
Загрозениот сведок, кој исказот го дава од друга просторија со мутиран глас и заматена слика, повеќе пати повтори дека на местото на настанот бил на 9-ти, 10-ти, 11-ти и 12-ти април, каде го видел „Голфот 3“ со затемнети стакла на повеќе различни локации, како и други две возила. Прашан дали вечерта бил на местото на настанот, сведокот кажа да, и потврди дека видел четири тела.
Обвинетиот Фејзи Азири бараше објаснување од сведокот зошто и кој му бил мотивот да ги гледал токму нив и тоа така во детали, но прашањето не беше дозволено.
Претседателот на судечкиот совет, судијата Огнен Ставрев даде предлог да се договори на следното рочиште да се види и возилото.
Адвокатката на семејствата на жртвите, Дафинка Ивановска рече дека од сведочењето на загрозениот сведок произлегува многу јасно објаснување и кажување за настанот.
Адвокатот на одбраната Насер Рауфи, по завршување на судењето, рече дека во неколку ситуации можело да се утврди дека загрозениот сведок не ја зборувал вистината.
На минатото рочиште, во судница присуствуваа обвинетите Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Самир Љута и Фејзи Азири, кој е спроведен од затвор Штип, каде отслужува казна за друго дело.
За екстрадиција на обвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, судијата Огнен Ставрев, кажа дека добил писмо од Министерството за правда дека постапката е во тек.
Министерката за правда Рената Дескоска вчера одговарајќи на новинарско прашање во врска со екстрадицијата на Демири и Исмаиловиќ од Косово, рече дека минатата недела добиле барање од судот, кое не било комплетно и повторно го вратиле да се докомплетира со сите документи што се потребни.
– Штом ќе добиеме комплетна документација уште истиот ден ќе биде пратено барањето. Наш интерес е да овозможиме ефикасно одвивање на судските постпки што се водат пред судовите во Македонија, истакна Дескоска.
На 12 април 2012 кај скопското Смилковско Езеро беа убиени Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Тричковски (на возраст од 18 до 21 година), сите од Радишани, Скопје, и 45-годишниот рибар Борче Стевковски од Црешево.