Промена на полицискиот час и за време на викендот- еве што предвидуваат новите мерки

Полицискиот час во работните денови да започнува од 19 часот, а за викендите да почнува од 13 часот во сабота и да трае до 5 часот наутро во понеделник. Ова се дел од измените за движењето на граѓаните кои Комисијата за заразни болести ги предложила до Владата.
Како што информираше министерот за здравство Венко Филипче, по анализа на состојбата со коронавирусот во земјава, Комисијата одлучила да предложи релаксирање на мерките, но да се воведе задолжително носење заштитна опрема при движење во затворени простории или јавни површини каде што нема можност за држење физичка дистанца од два метра.
Да почнува секој работен ден во 19 часот наместо во 16 часот. Со ова ќе се добијат дополнителни часови за граѓаните да може да ги завршат обврските и да ги набават потребните продукти. За возрасните граѓани движењето се продолжува од 8 часот наутро до 12 часот напладне. Младите до 18 години сега ќе може да се движат од 13 часот до 16 часот. Предлог е полицискиот час за време на викендот да остане, но со скратено време и да почнува од 13 часот во сабота и ќе трае до понеделник до 5 часот наутро, рече Филипче.


Останува забраната за групирање граѓани и сите други мерки кои се во сила во однос на физичката дистанца во користењето на јавните површини и парковите. Паралелно со ова релаксирање, се воведуваат нови задолжителни мерки на заштита. Граѓаните ќе треба да носат лична заштитна опрема на лицето при движење во затворени објекти и на отворено, во ситуација кога нема да бидат во можност да се одржи препорачаната дистанца од два метра.
-Попрецизно, заштитна опрема треба да се носи на сите јавни места од затворен тип како маркети, продавници, банки, пошти, чекалници, здравствени установи и сите затворени објекти каде што има повеќе лица. На отворените јавни површини заштитна опрема треба да се носи на места каде што нема простор за дистанца. На пример, пазарите, тие се места каде што мора да се носи таква заштитна опрема, рече Филипче.


Исклучок за носење на заштитна опрема се прави само ако лицето престојува во двор на станбена семејна куќа, вози велосипед или спортува на отворено, но ја држи потребната дистанца од два метра и не го прави тоа во група, согласно наведените рестрикции. Исклучок за носење заштитна опрема ќе има и при возење во патничко моторно возило заедно со членови од семејството кои живеат во заедница, односно во едно домаќинство.
Граѓаните мора да разберат дека ова мора да се почитува. Дека физичката дистанца од два метра е задолжителна, а секогаш кога ќе се најдеме во ситуацијата во група над пет лица и не можеме да се оддалечиме, секогаш да се користи таа заштитна опрема, додаде Филипче.
Компаниите во сите своите објекти, подружници и експозитури ќе бидат задолжени да обезбедат заштитна опрема за сите свои вработени и да забраната влез на посетители доколку тие немаат заштитна опрема.
„Заштитата треба да се состои во тоа што ќе бидат покриени носот и устата, без разлика дали е со маска за еднократна или повеќекратна употреба. Може да се носи марама или шал или нешто слично, што практично ќе ги покрие носот и устата, додаде Филипче

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.