Во текот на утрешниот ден ќе биде поднесено обвинение за првиот дел од истрагата за случајот Рекет. По вештачењето на одземените предмети пронајдени се многу битни докази.
-За осомничените за кои утре ќе поднесам обвиненија пронајдовме многу битни докази, рече обвинителската Вилма Рускоска.
Рускоска потенцираше и дека од еден осомничен во претходната постапка имало тенденција за спогодба, но до тоа не дошло.
Обвинителката истакна дека ОЈО обезбедило докази за трагата на парите во аферата „Рекет”, а ќе има и обвиненија за перење пари.
Утре ќе се бара продолжување на мерката притвор за сите осомничени од првата притворена група за „Рекет“.
Рускоска изјави и дека е даден налог за претрес кај три физички лица кои се опфатени по проширувањето на истрагата за „Рекет“ за Меѓународниот сојуз Скопје.
За едно лице, односно за Јасна Мандиќ е побаран притвор, а за останатите лица само мерки на претпазливост.
Во „Рекет“ првоосомничен е Бојан Јовановски (Боки 13) за примање награда за противзаконско влијание и за перење пари и други приноси од казниво дело. Второосомничен, за трговија со влијание, е Зоран Милески Кичеец, а поранешната специјална обвинителка Катица Јанева е третосомничена за злоупотреба на службената положба и овластување.
Осомничени во новата истрага на Обвинителството за организиран криминал и корупција се пратеничката Фросина Ташевска Ременски, Јасна Мандиќ, заменик-претседател на Меѓународниот сојуз, и Миле Јовановски, таткото на Боки 13, како и асистентката на Мандиќ.