На 24 март, понеделник, точно во 18:59 часот, на плоштадот „Македонија“ во Скопје е закажан протестен марш кој се организира во знак на одговорност и безбедност, поради трагичниот настан во Кочани и разните трагедии со човечки загуби низ годините. Иницијатор за овој настан е граѓанското движење „Кој е следен“, кое создаде основа по трагичната загуба на младата Фросина Кулакова, жртва на сообраќајна несреќа на 29 јануари годинава. Под слоганот „Доста бевме ние, системот е следен“, маршот се стреми да го привлече вниманието на јавноста и институциите за да се спречи понатамошна небезбедност и неодговорност.
Движењето впрочем го организираше и претходниот голем собир на 18 март во Скопје за да се одаде почит на 59-те жртви од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. „До недела ќе молчиме. Но, понеделник веќе не. Ќе се собереме на улиците – гласни, обединети и неуморни. Секаков заборав е недозволен, како и загубата на животи поради неодговорност и небезбедност!“, гласи пораката на движењето „Кој е следен“ за протестот.
На социјалните мрежи, движењето „Кој е следен“ не само што го најави протестот, туку и ги истакна своите барања до надлежните институции во врска со трагедијата во Кочани и многу други случаи низ годините кои резултираа во загуба на човечки животи. Тие бараат транспарентност и објавување на целата документација поврзана со работењето на дискотеката „Пулс“ од кога е отворена до катастрофата на 16 март, со вклученост на сите релевантни институции. Дополнително, се бара одговорност од сите надлежни институции кај кои ќе се открие пропуст во работењето, како и акција кон сите инволвирани во други трагични настани како пожарот во модуларната болница во Тетово, случајот „Онкологија“ и несреќите на „Дурмо турс“ и „Беса транс“.
Угостителската комора е повикана да работи на подобрување на квалитетите и стандардите во секторот, а не само да бара дерегулација и финансиска поддршка. „Без исполнување на овие барања, Македонија не може да се излечи. Граѓаните заслужуваат одговори и правда. Мораме да продолжиме со јавен притисок додека вистината не се открие. Системот повторно ја изигра довербата, и затоа ова прашање мора да се решава под будното око на јавноста. Граѓаните не смеат да бидат злоставувани или манипулирани одново,“ истакнуваат од движењето „Кој е следен“.
The post Протестен марш во Скопје закажан за понеделник по настаните во Кочани. appeared first on 365.mk.