Професорот по Кривично право, Гордан Калајџиев, ги коментираше последните случувања и откритија околу случајот со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, задржувајќи се на обвинението засновано на верижна одговорност на 37-темина обвинети.
Тој вели дека страшното е што обвинителите не згрешиле, туку тоа што се работи за „нарачка од политиката“.
„Не е страшно што обвинителите згрешиле со „теоријата“ за верижна одговорност за пожарот во Кочани. Страшно е што не се работи за грешка туку за нарачка од политиката. Страшно е што сите правни авторитети се сложија дека тоа баш нема да може, а сепак си го тераат! Згора и се унапредуваат во кариерата. Уште пострашно е што судот нема храброст да не го прифати ваквото широко обвинение“, напиша професорот на социјалните мрежи.
Во пожарот во Кочани на 16 март годинава загинаа 62-ца млади луѓе, а околу 200 беа повредени.



