Процедурата за азил на Груевски е почната

Во телефонски разговор на иницијатива на министерот за надворешни работи, Никола Димитров унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто потврдил дека поранешниот премиер Никола Груевски поднел барање за азил и дека веќе е почната правната процедура.
“За време на разговорот, министерот Димитров посочи дека во случајот станува збор за осуденик, против кого се водат и уште неколку други судски постапки за сериозни кривични дела. Министерот воедно ја потенцираше важноста на принципот на владеење на правото, кој претставува темелен европски принцип. Притоа укажа на парадоксалноста на ситуацијата да се бара политички азил во земја членка на ЕУ, од страна на личност во чие време на владеење, земјата кандидат за членство во ЕУ беше окарактеризирана како “заробена држава“ и од страна на самата Европска комисија“, соопшти македонското МНР.
Во разговорот Сијарто нагласил дека унгарската поддршка за реализација на аспирациите за европска и евро-атлантска интеграција на Република Македонија, како и добрата билатерална соработка меѓу двете земји ќе продолжат и во иднина.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.