Пуканките – една од најздравите грицки што можете да ги јадете

Кога се зборува за грицки, особено оние што најчесто се консумираат за време на филмови или одмор, многумина ги сметаат за нездрави и непожелни во секојдневната исхрана. Сепак, пуканките се исклучок од ова правило.

Пуканките се меѓу најздравите закуски – богати се со влакна, содржат високо ниво на антиоксиданси, а некои истражувања укажуваат дека можат да помогнат и во борбата против ракот.

Здрава ужина со малку калории

Најздрав избор се пуканките што се подготвуваат „на воздух“, без додадени масти. За разлика од нив, пуканките што се продаваат во кино-салите или оние за микробранова печка често содржат големи количини калории и масти. Истражувањата покажуваат дека средна порција кино-пуканки може да има и до 1.200 калории и околу 60 грама масти.

Повеќе антиоксиданси од некои овошја и зеленчуци

Анализа објавена во 2019 година покажува дека пуканките се богати со полифеноли – соединенија со силно антиоксидативно дејство кои го намалуваат воспалението во организмот. Поради ниската содржина на вода, пуканките имаат дури и поголема концентрација на полифеноли од некои овошја и зеленчуци.

Сепак, експертите предупредуваат дека пуканките не треба да ги заменат овошјето и зеленчукот, бидејќи не ги содржат сите неопходни витамини и хранливи материи.

Полифенолите во пуканките можат да ги блокираат ензимите неопходни за развој на канцерогените клетки и да го регулираат нивното ширење, наведува Американскиот институт за истражување на ракот. Истите соединенија придонесуваат и за намалување на ризикот од кардиоваскуларни заболувања.

Цело зрно богато со влакна и железо

Пуканките се 100 отсто непреработено цело зрно. Една порција може да обезбеди околу 70 проценти од дневните потреби за цели зрна, како и значајна количина влакна потребни за добро варење.

Интересен е и податокот дека пуканките содржат повеќе железо од спанаќот – 0,9 милиграми наспроти 0,8 милиграми во една чаша сиров спанаќ. Иако разликата е мала, таа може да биде значајна, особено за жените, кај кои недостигот на железо е чест проблем.

Со умерена и правилна подготовка, пуканките можат да бидат вкусна и здрава грицка во секојдневната исхрана.
The post Пуканките – една од најздравите грицки што можете да ги јадете appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: