По ударите на супертајфунот Хагибис кој предизвикал поплави и свлечишта загинале 19 лица, повеќе од 100 се повредени, а 16 луѓе се водат како исчезнати, објави јапонската информативна агенција. Бројката која ја објавил “Кјодо“ е многу поголема од онаа на Владата. Налетите на ветерот достигнувале и до 180 километри на час, и донеле обилни врнежи и силни ветрови од кои Токио останал парализиран.
Портпаролот на Владата Јошихиге Суга претходно изјавил дека по тајфунот Хагибис загинале седум лица, а 15 се водат како исчезнати. Тој воедно истакнал дека предизвиканата штета е огромна и дека околу 376 000 домови останале без електрична енергија, а 14 000 без вода за пиење.
Јапонските власти упатиле десетина илјади спасувачи и војници во загрозените подрачја. Спасувачките тимови уште од синоќа со хеликоптери и чамци се испратени во погодените области за да му помогнат на населениото загрозено во поплавените домови. Бројот на загинати и повредени и понатаму се зголемува. Јапонската метеоролошка агенција издала предупредување за Токио и околината, наведувајќи дека таков интензитет на врнежи се гледа еднаш во 60 години, пренесува агенцијата “Кјодо“.