Путин, како што пренесува „Гардијан“ наводно му рекол на Ким дека „Русија се бори против децениската наметната империјалистичка политика на САД“
Рускиот претседател Владимир Путин пристигна синоќа во својата прва посета на Северна Кореја по 24 години, ветувајќи дека ќе ги подобри трговските и безбедносните врски со земјата и ќе ја поддржи во односите со САД.
Руските медиуми пренесуваат дека рано утрово, Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун започнале со разговорите откако претходно имало свечена церемонија на главниот плоштад во Пјонгјанг.
На фотографиите објавени во руските медиуми може да се види дека има многу војници и голема толпа цивили собрани на плоштадот покрај реката Таедонг што минува низ главниот град, вклучително и деца кои држат балони и џиновски портрети на двајцата лидери.
Руската новинска агенција Интерфакс цитирајќи ја изјавата на советникот за надворешна политика на Путин, Јуриј Ушаков, пренесува дека денешната агенда вклучува разговори еден на еден меѓу двајцата лидери, како и гала концерт, државен прием, почесна гарда, потпишување документи и изјави за медиумите.
Путин разговорите со Ким ги отворил велејќи му дека Москва ја цени поддршката на Пјонгјанг, вклучувајќи ја и нејзината насока кон Украина.
„Ние многу ја цениме вашата доследна и непоколеблива поддршка за руската политика, вклучувајќи го и правецот кон Украина“,
рекол Путин, пренесе руската новинска агенција Тас.
Рускиот претседател рекол и дека „се восхитува на трансформацијата на Пјонгјанг во изминатите 24 години“ и дека е убеден оти денешните преговори ќе бидат продуктивни, пренесе агенцијата Тас.
Тој истакнал и дека е подготвен нов документ кој „ќе биде основа на односите меѓу двете земји уште многу години“.
Путин, како што пренесува „Гардијан“ наводно му рекол на Ким дека „Русија се бори против децениската наметната империјалистичка политика на САД“.
Ким, во разговорите му рекол на Путин оти односите меѓу нивните две земји влегуваат во период на „нов просперитет“.
„Односите меѓу нашите земји влегуваат во период на нов висок просперитет кој не може ниту да се спореди со периодот на корејско-советските односи во минатиот век“,
рекол Ким Џонг-ун.
Тој изразил уверување дека за време на посетата на Путин „огненото пријателство на двете земји монолитно ќе зајакне“.
Според Ким Џонг-ун, оваа посета е историски момент и има најважно стратешко значење во историјата на руско-корејските односи.