Путин му се заблагодари на Џонг-ун за севернокорејските војници: Ја бранат Русија како своја татковина

Северна Кореја почна да испраќа војници во Русија минатиот октомври откако севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и рускиот претседател Владимир Путин постигнаа меѓусебен одбранбен договор, чија цел е зајакнување на сојузот против, како што го нарекоа, западниот хегемонизам
Рускиот претседател Владимир Путин денеска му се заблагодари на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун за испраќањето на неговите војници да се борат на страната за Русија, а против украинските сили во руската област Курск.

„Корејските пријатели дејствуваа, водени од чувството на солидарност, правда и вистинско другарство. Ние многу го цениме тоа и сме искрено благодарни на другарот Ким Џонг-ун и на севернокорејскиот народ“, рече тој.

Според него, за поздрав е високото ниво на специјална обука и посветеноста на севернокорејските војници, за кои рече дека активно учествуваа во битките во областа Курск и ја бранеа руската територија како своја.

„Рускиот народ никогаш нема да го заборави подвигот на севернокорејските борци на специјалните сили“,рече Путин, изразувајќи уверување дека односите меѓу Москва и Пјонгјанг ќе продолжат да се зајакнуваат на сите фронтови.

Началникот на Генералштабот на руската армија, Валериј Герасимов, во саботата изјави дека Русија целосно го обновила Курскиот регион, во кој украинските сили влегле во август 2024 година.

Генералот му оддаде посебна почит на херојството на севернокорејските војници кои се бореа за Русија.

Тоа е првпат Москва да го призначе учеството на овие војници во војната.

Северна Кореја почна да испраќа војници во Русија минатиот октомври откако севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун и рускиот претседател Владимир Путин постигнаа меѓусебен одбранбен договор, чија цел е зајакнување на сојузот против, како што го нарекоа, западниот хегемонизам.

Украина, Јужна Кореја и западните земји веќе неколку месеци го осудуваат учеството на неколку илјади севернокорејски војници во борбите на руската страна, додека Москва и Пјонгјанг одбиваат да го признаат.

Се смета дека Северна Кореја досега има испратено повеќе од 11 000 војници како поддршка за Русија во војната против Украина

Пронајдете не на следниве мрежи: