Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само Соединетите Американски Држави имаат моќ да ја принудат Русија на мир.
„Да бидеме искрени, денес само Украина ја брани Европа. Денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за Политико.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Колку што гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да прави компромиси, а не Русија“, рече тој. „Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски истакна дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек.
„Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, рече тој.
Тој ги отфрли територијалните претензии на Русија како отстапка кон амбициите на Москва постепено да ја преземе контролата врз Украина.
Во разговор одржан на маргините на конференцијата, Зеленски рече дека постојано се обидува да им ја објасни оваа позиција на партнерите, вклучувајќи ги и САД, од кои, како што вели, доаѓаат сугестии дека Украина би можела да се согласи на компромиси за да се стави крај на војната, пишува Политико.
„Се согласивме за голем број компромиси. Путин и неговите соработници не се во затвор. Ова е најголемиот компромис што светот некогаш го направил“, рече тој.
Тој нагласи дека Украина „не може да заборави“ колку луѓе загинале за време на војната, но истакна дека Киев е подготвен да го прекине конфликтот во секое време. Сепак, додаде дека Путин не покажал искрен интерес за тоа, поради што е потребен поголем притисок врз Русија.
„Не верувам дека сакаат да ја сопрат војната. Верувам дека можат да го сторат тоа под притисок, но сè додека притисокот не е доволен, тие само си играат“, рече тој.
Кога го прашале што мисли за тоа што САД вршат сличен притисок врз Украина и Русија, Зеленски бил резервиран. „Постојат некои мисли што морам да ги задржам за себе“, заклучил тој.
Тој изјави дека Путин ќе продолжи да го отфрла договорот доколку не почувствува реални последици.
„Тој ќе одбие. Денес ќе најде една причина, утре друга, и така до бесконечност. Затоа треба да извршиме притисок врз него“, рече Зеленски.
Тој заклучи дека е потребен решителен пристап за да се стави крај на конфликтот. „Она што е потребно е вистински притисок. Ако тој биде под вистински притисок, Путин ќе ја запре оваа војна“, заклучи тој.
The post „Путин нема многу време, не е млад човек“ Што предвидува Зеленски за рускиот претседател? Тој повторно бара помош од САД: „Само тие можат да го сопрат…“ appeared first on Во Центар.



