Претседателот на Русија, Владимир Путин, денес изјави дека нивото на јавниот долг на земјата е 16,4 проценти од бруто домашниот производ (БДП), што е значително пониско отколку во Еврозоната.
Зборувајќи на пленарната сесија на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург (СПИЕФ), тој нагласи дека руската економија, и покрај забавувањето на растот, ја одржува макроекономската стабилност и треба да се врати на поодржливи стапки на економски развој следната година, јави ТАСС.
Путин изјави дека бруто-домашниот производ на Русија во април пораснал за 1,3 проценти на годишно ниво.
Тој рече дека инфлацијата продолжува да забавува и би можела да се намали на околу 5,2 проценти оваа година.
Според него, буџетскиот дефицит моментално изнесува 2,6 проценти од БДП и останува помал отколку во повеќето развиени економии.
Тој оцени дека инвестициите се клучен показател за ефикасноста на економската политика и нагласи дека Русија мора да продолжи со развојот на сопствените технологии, дигитални платформи и системи базирани на вештачка интелигенција.
Путин вели дека трката за суверенитет не само што се одвива, туку добива и на интензитет.
Рускиот лидер истакна дека Западот го изгубил интересот за трговските правила кога почнал да ја губи конкурентноста.
Путин изјави дека санкциите и кражбата на руските меѓународни резерви од западните земји „неповратно влијаеле врз позициите на глобалните валути – доларот и еврото“.
Рускиот претседател истакна дека санкциите и замрзнувањето на руските девизни резерви поттикнуваат создавање нови финансиски и трговски механизми, додека глобалната економија, според него, брзо се движи кон мултиполарен модел.
Тој изјави дека денес земјите од БРИКС даваат поголем придонес во светскиот економски раст од земјите од Групата седум најразвиени земји (Г7) и оцени дека нивното значење во глобалната трговија и финансии ќе продолжи да расте.
Путин рече дека Русија мора да обезбеди технолошки суверенитет, да ја прошири употребата на националните валути во меѓународната трговија и да создаде услови за долгорочен раст базиран на продуктивност и инвестиции.
Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург се одржува од 3 до 6 јуни.
The post Путин: „Нивото на јавен долг во Русија е значително пониско отколку во еврозоната“ appeared first on Во Центар.
Пронајдете не на следниве мрежи:



