Технолошки дуел меѓу хиперсоничниот систем за лансирање ракети „Орешник“ и западните системи за противвоздушна одбрана може да се одржи не само во Киев, туку и на други места, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин.
„Можно е и на друго место“, му рече Путин на новинарот Павло Зарубин, одговарајќи на прашањето зошто за време на неговото годишно обраќање „Директна линија“ претходно денеска, предложи да се одржи технолошки дуел меѓу „Орешник“ и западните ПВО во главниот град на Украина, објави РИА.
Во своето годишно обраќање Путин рече дека ракетата „Орешник“ е модерно оружје произведено врз основа на претходни проекти кои биле рафинирани и потврди дека учествувал во донесувањето на одлуката за производство на тие ракети.
„Нема шанси „Орешник“ да биде поразен. Ако така мислат западните експерти, нека се погрижат да организираме високотехнолошки дуел. Ние сме подготвени за таков експеримент. Па да видиме што ќе се случи. Западните експерти нека го утврдат објектот во Киев што ќе го таргетираме со „орешник“. Ние сме подготвени за тоа“, рече Путин.