Путин: Подготвен сум на компромис со Трамп за Украина

Рускиот претседател Владимир Путин изјави денеска дека е подготвен на компромис за Украина во можните разговори со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за завршување на војната, додавајќи дека руските сили се се поблиску до постигнување на нивните главни цели на бојното поле.

Пристигнаа повеќе од два милиони прашања

За време на традиционалната телевизиска прес-конференција, на директната телефонска линија беа примени повеќе од два милиони прашања за Путин, а рускиот претседател му рече на новинарот на американскиот канал за вести дека е подготвен да се сретне со Трамп, за кого рече дека не зборувал со години.

За време на претседателската кампања Трамп изјави дека брзо ќе ја заврши војната во Украина, но не наведе детали како ќе го постигне тоа.

„Наскоро ќе има недостиг од Украинци кои сакаат да се борат“

На прашањето што треба да му понуди на Трамп, Путин го отфрли тврдењето дека Русија е во слаба позиција. Всушност, рече тој, Русија стана значително посилна откако им нареди на своите војници да влезат во Украина во 2022 година.

„Отсекогаш зборувавме дека сме подготвени за преговори и компромиси, но спротивната страна ги отфрли преговорите. А резултатите од преговорите секогаш се компромиси“, рече Путин.

Тој истакна дека неговите сили напредуваат по целата линија на фронтот и дека се поблиску до исполнување на главните цели на бојното поле.

„Наскоро, според мене, ќе има недостиг од Украинци кои сакаат да се борат. Нема да остане никој да се бори. Ние сме подготвени, но и другата страна мора да биде подготвена за преговори и компромиси“, рече Путин.

Ројтерс минатиот месец објави дека Путин е отворен за разговори со Трамп за договор за прекин на огнот во Украина, исклучувајќи какви било територијални отстапки. Тој, исто така, инсистираше Киев да се откаже од својата амбиција да се приклучи на НАТО.

„Нема шанси Орешник да биде срушен“

Путин тврди дека руските сили драматично враќаат квадратни километри територија, а не пропушти да ја пофали и непобедливоста на суперсоничната ракета „Орешник“ која беше тестирана на украинскиот фронт.

Тој исто така рече дека „нема шанси Орешник да се сруши“.

„Ако така мислат западните експерти, нека овозможат организација на високотехнолошки дуел. Ние сме подготвени за таков експеримент. Западните експерти нека одредат објект, да речеме во Киев, и нека ги распоредат сите свои противвоздушни и противракетни сили. Ќе го таргетираме „Орешник“. Па да видиме што ќе се случи. Ние сме подготвени за тој експеримент, но дали другата страна е подготвена за тоа“, рече Путин.

Путин го повика Израел да ги повлече своите сили од сириска територија

Зборувајќи за Сирија, тој рече дека до новите сириски власти доставил предлози во врска со руските воени бази во таа земја и дека повеќето од луѓето со кои разговарала Москва се за нивно останување.

Тој додаде дека Русија мора да размисли дали базите ќе останат или не, а исто така истакнува дека гласините за смртта на руското влијание на Блискиот исток се претерани.

Тој го повика Израел да ги повлече своите сили од сириска територија, кои се распоредени таму во тампон зоната што ги дели двете земји на Голанската висорамнина. „

Се надеваме дека во одреден момент Израел ќе се повлече од сириска територија“, рече рускиот лидер, чија земја му даде азил на соборениот сириски лидер Башар ал Асад.

Пронајдете не на следниве мрежи: