Пуштен од притвор полицаецот поради кој Србите подигнаа барикади во северно Косово, неговиот син му се заблагодари на Вучиќ


Поранешниот припадник на косовската полиција, Дејан Пантиќ, кој беше уапсен пред дваесетина дена како осомничен за подготвување вооружени напади врз општинските изборни комисии и полициските патроли во северно Косово, со одлука на надлежен косовски суд денеска е пуштен во домашен притвор.

Апсењето на Пантиќ беше повод за поставување барикади од страна на локалните Срби во општините во северно Косово со мнозинско српско население и за блокада на патиштата кои водат кон граничните премини Јариње и Брњак меѓу Косово и Србија.

Информацијата за промена на мерката 30-дневен притвор, изречена на 12 декември, во куќен притвор, во изјава за медиумите ја потврди портпаролката на Основниот суд во Приштина, Мирлинда Гаши.

„На барање на Специјалното обвинителство за промена на мерката притвор со куќен притвор, судот го одобри брањето и ја промени мерката“, изјави Гаши.

По пуштањето од притвор на Пантиќ, се огласи и неговиот син Предраг, кој за ослободувањето на неговиот татко му се заблагодари на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

„Нема посреќни од нас сега. Благодариме на сите, благодариме на народот, благодариме на Србија, посебна благодарност за претседателот Вучиќ“, изјави Предраг Пантиќ за белградски „Новости“.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.