Пратениците сакаат работниците, нивните гласачи, да живеат и да тонат во сиромаштија. Тоа е срамно, порачаа од Сојузот на синдикати кој денеска ги блокираше влезовите на Собранието реализирајќи ја првата од најавените блокади.
Блокадата, на која се приклучија и револтирани граѓани, траеше до почетокот на собраниската седница, а за тоа време беше затворена за сообраќај улицата пред Собранието. Блокадата почна во 09 часот со цел пратениците да се соочат и да ги погледнат во очи работниците кои бараат минимална плата од 600 евра и зголемување на останатите плати за 100 евра. Но, голем дел од пратениците многу порано пред блокадата беа пристигнати во Собранието.
– Моите информации се дека голем дел од пратеници станале рано утринава за да дојдат пред 9 часот на работа, за да не се соочат со работниците на улица, затоа што се срамат од нив, се срамат од своите гласачи, затоа што одбиваат да ја зголемат работничката плата. А од друга страна, пратеничката плата според последните најави ќе се зголеми не само за 9,2% како што пресмета гувернерот на Народна банка, туку и за 12,6%, затоа што Уставниот суд со голема веројатност ќе ја укине уредбата на Владата од претходната година, што ќе каже дека на 100 или 120 илјади денари ќе добиваат 21% зголемување на нивните плати, изјави претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.
Собранието беше прво од најавените блокади бидејќи пратениците повеќе од две години не ги носат законските измени за зголемување на минимналната плата, а остануваат глуви и на најновата иницијатива на ССМ поднесена до Собранието за намалување на функционерските плати за 80 отсто.
– Прашуваме оттука јасно и гласно како тоа ако ги намалат за 9,2% коефициентите ќе биде уставно, а неуставно ќе биде да ги намалат за 80% нивните коефициенти, да ја променат нивната основица со минимална плата наместо сегашната просечна плата, рече Трендафилов.
Според ССМ, животот за две години е поскап за 9.000 денари, а патните трошоци на пратениците поделени на месечно ниво се поголеми од минималната плата.
– Бараме итно и неодложно да се стави точката на дневен ред и да се изгласа 600 евра минимална плата и зголемување на сите останати плати за 100 евра. Онаму каде што има колективни договори, тие да се почитуваат бидејќи народните избранци, министрите, директорите, градоначалниците треба да сфатат дека го уживаат тој лезет и нивната работа е платена оддавачките што работниците ги даваат секој месец, изјави Иван Пешевски, претседател на Синдикатот на градежништво.
И додека работниците протестираа надвор од Собранието, внатре лидерот на опозициската СДСМ на прес-конференција соопшти дека повторно го поднеле предлог законот за зголемување на минималната плата откако претходно беше вратен поради технички недостатоци.
Лидерот на СДСМ Венко Филипче очекува законот да биде ставен на дневен ред на пленарна седница во текот на месецов. Како можни извори од каде може да се обезбедат финансиски средства, според Филипче, се буџетските категории за патни трошоци и репрезентација.
Додека се одвиваше блокадата на Собранието, премиерот Христијан Мицкоски со дел од министрите беше во посета на училиштето Невена Ѓоргиева Дуња од каде порача дека блокадата е политички мотивирана и дека Владата си го решила проблемот како работодавач со постигнатиот договор за зголемување на платите за дел од државните службеници.
– Еден од денешните протестанти со мене држеше прес – конференција, во видно егзалтирана состојба, задоволен од тоа што го постигнавме. Денеска го гледате, блокира заедно со тој другиот кој што се повикува на работнички права, а злоупотребува службени возила за приватни цели и уште многу работи. Допрва, како што имам чувство, ќе бидат сведоци и работниците кој ги води и кој ги манипулира во овие политички инструирани процеси и тоа во периодот што следи ќе го има, изјави Мицкоски.


