Бракот и понатаму може да се смета за успешен дури и ако заврши со развод, велат психотерапевтите. Брачните советници тврдат дека бракот е дизајниран со цел луѓето да можат да “растат” – и понекогаш ја “прераснуваат” таа врска.
Важно е да се прифатат промените во бракот, а не да се стравува од нив, пренесува “Business Insider”.
Хал Рункел, брачен терапевт од Атланта вели дека “бракот има една цел”, а тоа е луѓето да постигнат личен раст во него. Во својата пракса тој вели дека никогаш не ги предомислувал партнерите ако тие одлучиле да се разведат, а според него, разводот не претставува неуспех.
“Бракот е совршено дизајниран за да ни помогне да пораснеме. Тој создава предизвици, ја открива нашата себичност и незрелост. А тоа е добра работа. Тој постојано бара од вас психички да растете и да се развивате, а тоа понекогаш значи и разделба од вашиот партнер”, вели Рункел.
Њујоршкиот психолог Лаура Маркам се сложува со Рункел и додава:
“Да бидете способни да ги прифатите околностите и искуствата во животот како прилика за развој, а не како нешто што ќе ве направи среќни или несреќни е клучот за задоволство во врската”.