Разузнавачите со анонимен допис до медиумите: Премиерот сака да ја укине АНБ и АР и да постави блиско лице на раководна позиција

Група вработени во Агенцијата за разузнавање (АР) испратија анонимно писмо до медиумите, до неколку странски амбасади и до кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со кое укажуваат дека добиле сознанија дека премиерот планира да ја укине Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање и да воспостави нова партиска служба. Разузнавачите од АР обвинуваат дека новиот закон наместо експерти го подготвуваат „партиски послушници и криминалци“, „лица кои или биле осудени или моментално се водат постапки за нив во Обвинителството“. Тие стравуваат дека со таквиот чин целта е „да се воспостави целосна политичка контрола во Република Македонија налик на Северна Кореја“.

– Со ова писмо сакаме да ја информираме јавноста, дека се подготвува предавство врз Република Македонија, односно безбедносниот сектор на оваа држава, што според нас е темелот врз кој Македонија постои. До нас секојдневно пристигнуваат информации од членки на НАТО како државниот врв подготвува укинување на Агенцијата за разузнавање. Укинувањето не е никаква реформа, туку е воведување на Република Македонија во автократија и партиска контрола. Целта на државниот врв е да се партизира и она малку што е останато професионално, сè со цел да се воспостави целосна политичка контрола во Република Македонија налик на Северна Кореја – се нагласува во мејлот.

Разузнавачите тврдат дека зад идејата за укинувањето на клучните агенции АНБ и АР стои лично премиерот кој според писмото планирал на чело на новата служба да постави свој близок човек.

– Во информациите што пристигнаа до нас јасно се гледа дека премиерот планира да ја укине Агенцијата за nационална безбедност и Агенцијата за разузнавање и да воспостави нова партиска служба која нема да им служи на сите граѓани, туку само на политичкиот врв. Лицата кои го подготвуваат новиот закон се лица кои или биле осудени или моментално се водат постапки за нив во Обвинителство. Не се вклучени експерти од пошироката јавност, туку само партиски послушници и криминалци. Ароганцијата и желбата за воспоставување тиранија водат дотаму што лицето кое треба да биде на чело на оваа нова служба не е од безбедносниот сектор и е во приватни блиски релации со премиерот на Република Македонија, а моментално работи во една компанија како шеф на маркетинг. Во моментов, Република Македонија е соочена со голем број предизвици од разни страни, каде Агенцијата за разузнавање е и повеќе од потребна, само неук или компромитиран човек би сакал нејзино укинување. Голема е и желбата на одредени центри на моќ да ја нема Агенцијата за разузнавање, за жал премиерот на Република Македонија, е на нивна страна – пишува во мејлот.

Вработените во Агенцијата за разузнавање апелираат до претседателката Гордана Сиљановска да се спротивстави на оваа одлука и да го спречи укинувањето на Агенцијата за разузнавање.

– Ние ги имаме сите информации кои соодветно ќе бидат употребени во рамки на нашите можности да ја информираме јавноста какво предавство сака да направи оваа влада. Во наредниот период очекуваме и политички апсења внатре, во Агенцијата за разузнавање. Тоа што ниеден непријател не успеал да го направи изминатите година, во моментов го прави оваа влада. Дополнително, познати ни се одредени нелегални активности и во врвот на Агенцијата, како и партиски активности кои се забранети според законот за АР, но тие работи ќе ги решаваме на институционален начин. Очигледно е дека новопоставената директорка и заменик директорка работат за нечии лични и партиски интереси, а не за интересите на државата и Агенцијата – пишува во анонимно испратениот мејл зад кој стојат „активно вработени во Агенција за разузнавање“ кои поради законот не смеат јавно да се идентификуваат.

Давкова на 28 јуни донесе одлука за разрешување на досегашниот директор на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу кој беше првиот Албанец кој раководеше со Агенцијата од 2019 година и на негово место ја постави Габриела Јаковлева.

Сиљановска-Давкова на позицијата заменик директор ја постави Ивана Стојановска, на местото на Александра Бакреска Додовска. Во јавноста имаше реакции дека заменичката Стојановска не ги исполнува законските услови за високата раководна позиција во АР, односно нејзиниот стаж во Агенцијата за разузнавање е помал од десет години, иако законот јасно пропишува кандидатот да има најмалку десет години работно искуство од областа на безбедноста, одбраната или надворешната политика, од кои пет години на раководно место во Агенцијата. Од кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова го оправдуваа назначувањето како законско со тоа што како искуство од областа на безбедноста, одбраната или надворешната политика на Стојановска ѝ го наведуваат и периодот во кој таа работела како асистент на приватни универзитети.

Пронајдете не на следниве мрежи: