Разурнувач на британската кралска морнарица пресретна и следеше руски воен брод додека пловеше низ британски води.
HMS Duncan, кој е со седиште во Портсмут, е распореден од страна на Сојузничката поморска команда на НАТО, соопшти Кралската морнарица, објави „Sky News“.
Станува збор за разурнувач од типот „45“, на кој му се придружи и хеликоптер Wildcat, и двата имаа задача да го следат рускиот разурнувач „Вицеадмирал Кулаков“. Според портпаролот на морнарицата, ова е прв пат британски воен брод директно под команда на Алијансата да изврши таква операција. Разурнувачот користел напредни сензори и системи за да го пресретне рускиот брод во Северното Море и да го следи неговото движење кон запад преку Ламанш, во насока на островот Учант, покрај францускиот брег. Холандскиот воен хеликоптер NH90, како и француската морнарица, исто така, учествуваа во операцијата. Сојузничката поморска команда на НАТО е со седиште во Нортвју, Мидлсекс.



