Албанскиот премиер Еди Рама коментирајќи го односот со неговиот косовски колега Албин Курти, кој не секогаш бил добар, оценува дека „единствен кој може да го собори од власт Курти е самиот тој“.
– Албин е професионален опозиционер. Го чекам денот кога Албин ќе излезе да протестира против сопствената влада. Единствениот што може да го собори Албин Курти е само Албин Курти. Албанците ми кажуваат како можеш така да се однесуваш со твојот помал брат. Ова го прави и помалиот брат и вие нема што да правите, изјавил Рама за „Национале“.
Според него тоа што Курти формирал партија од неговото движење „Самоопределување“ во Албанија не е ни најмалку нормална работа.
– Не можејќи да ја исполни револуционерната страст оди во Македонија, доаѓа во Албанија и формира ограноци на неговата партија. Не можам да кажам дека нема да формирам огранок на мојата партија во Косово, но не можам да замислам да отидам таму да кажам што прави Владата за народот на Косово, а што не прави, посочил Рама.
Тој дури споделува момент каде вели дека на денот кога Курти ги претставил кандидатите во Албанија, ручал со него.
– Дента кога Албин дојде да ги претстави кандидатите, со мене јадеше шпагети. И пак ќе јаде кога ќе дојде да ги претстави кандидатите, иронично рече Рама.