Расправата против задолжителна вакцинација-одложена

Заради немање кворум Седницата на Комисијата што требаше да се одржи денес и на која требаше да се расправа за граѓанската иницијатива против задолжителна вакцинација не се одржа и е презакажана за после изборите.
– Имајќи предвид дека е изборен процес и дека немаме кворум ние суштински денеска не можеме да работиме. Од тие причини оваа седница ја сметам за затворена. Веднаш по обезбедувањето деловнички услови тоа би било по завршување на вториот круг од изборите, 5 мај, 6 мај евентуално 7 мај, оваа иницијатива ја ставаме на дневен ред на Комисијата за политички систем и на неа верувам ќе имаме доволен број пратеници за која ќе донесеме став, изјави заменик-претседателот на Комисијата, Чедомир Саздовски.
Предлагач на иницијативата е Елена Павлеска, која изрази надеж дека во зададениот рок што го најави заменик-претседателот на Комисијата, седницата ќе биде одржана.
Подносителите на иницијативата бараат измени на Законот за здравствена заштита од заразни болести, па наместо задолжително, бараат вакцинирањето да биде по избор на родителот.
– Ние не сме против вакцинирање, не е точно дека сме антиваксери, туку сметаме дека треба родителот сам да одлучува, рече Павлеска.
Подносителите на иницијативата не образложија зошто законските измени ги бараат во време на епидемија на морбили и како би се спречило ширењето на заразните болести ако родителите изберат да не ги вакцинираат децата.
– Не сме тука да дискутираме за и против вакцините, коментираат од иницијативата на која се потпишани 129 граѓани. Тие наведуваат дека има родители кои се сомневаат во безбедноста и квалитетот на вакцините, потеклото, рокот и производителот, и затоа сметаат дека вакцинацијата треба да биде право на избор.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.