Најостро реагирам на повторниот обид на ВМРО-ДПМНЕ за блокада на измените на Законот за заштита на населението од заразни болести и новите мерки за превенција од понатамошно ширење на вирусот. Ова е смислен и тенденциозен обид за дневно-политички поени кој директно го загрозува здравјето на населението.
Од почеток на ковид кризата во земјата, од опозицијата не видовме ништо друго освен неконструктивно делување, опструкции и критики кон сите кои даваат максимални напори во справување со вирусот во земјата.
Имено, токму заменичката министерка за финансии во техничката влада од редовите на ВМРО-ДПМНЕ со месеци го одолговлекуваше и воопшто не го ни потпиша заемот од Светска Банка и со тоа практично го запре процесот на спроведување на проектот за брзо дејствување против последиците од кризата предизвикана од ковид-19. Заемот беше наменет за поддршка на здравствениот систем и подготовка на дополнителни болнички капацитети за есенскиот бран, кој ние го најавивме, а сега и се соочуваме со истиот.
Уште една во низата постапки со кои тие ја потврдуваат својата деструктивна политика и фактот дека последното нешто на што размислуваат е здравјето на граѓаните е постојаното дискредитирање на Комисијата за заразни болести, омаловажувајќи ја и експертизата на членовите и нивниот труд во справувањето со кризата.
Барањето за формирање на нова Комисија која ќе ја избира Собранието е само начин да се прикаже наводна грижа и конструктивност и истото е целосно неиздржано. Во Комисијата за заразни болести членуваат врвни професионалци, експерти во својата област. Од почетокот на кризата, сите одлуки, препораки и мерки на Комисијата за заразни болести се носат врз издржани епидемиолошки анализи и единство во интерес на заштитата на здравјето на граѓаните.
Уште еднаш повикувам на разум и одговорност, јавното здравје е над партиските интереси. Вирусот не чека, мерките мора да се донесат во најкус можен рок.