Дури осум гола беа постигнати во натпреварот меѓу Виљареал и Реал Мадрид од претпоследното 37. коло од шпанската Ла Лига, но немаше победник по конечните 4:4.
Се чинеше дека шампионот Реал со леснотија оди кон нова победа, бидејќи на полувремето водеше со дури 4:1. Два гола за мадриѓаните постигнаа Ѓулер, во 14. минута и судиското надополнување на првото полувреме, а погодија и Хоселу во 30. и Лукас Васкез во 40. минута.
Единствен стрелец за домаќините во првиот дол беше Сорлот во 39. минута, а токму робусниот Норвежанец буквално го торпедираше респектабилниот противник во воведните единаесет минути од вториот дел. Од почетокот на вториот дел, па сѐ до 56. минута, Сорлот уште трипати ја погоди мрежата на Реал и го доведе својот тим до конечните 4:4.
Барселона го обезбеди второто место на крајот од сезоната со победата од 3:0 на домашен терен против Рајо Ваљекано на македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски. Левандовски го постигна првиот гол на меќот уште во третата минута, а натпреварот беше решен кога Педри постигна два брзи гола, во 72. и 75. минута.
Третопласираната Жирона беше убедлива во Валенсија каде победи со 3:1. Стрелци беа Савињо и Довбик покрај автоголот на Гасиоровски, додека четвртопласираниот Атлетико Мадрид на домашен терен беше поразен од Осасуна со 1:4. Раул Гарсија постигна два гола за тимот од Памплона, а Ороз и Торо додадоа по еден.
Во директната битка за шестото место Реал Сосиедад го совлада Бетис со 2:0 на гостински терен. Во првото полувреме домашната мрежа ја погодија Браис Мендез и Микел Мерино.
По ова коло познати се сите патници во Сегунда, односно втората лига. На Алмерија и Гранада им се придружи Кадиз, кој во ова коло одигра недоволни 0:0 на домашен терен против Лас Палмас. Спасувачкиот бод го освои Мајорка, на која им олесна по домашното реми 2:2 против Алмерија. Големиот гол за бод на Мајорка го постигна Дардер во 83. минута.