Фудбалерите на Реал Мадрид се ново-старите освојувачи на Лигата на шампионите, во финалниот натпревар одигран на „Вембли“ во Лондон, ја победија Борусија Дортмунд со 2:0 (0:0).
Головите кои го однесоа Реал на европскиот трон по петнаесетти пат во историјата, „кралевите“ ги постигнаа во вториот дел. Стрелец за 1:0 беше Дани Карвахал во 74. минута, додека сѐ беше заклучено кога Винисиус Јуниор во 83. погоди за 2:0.
Рекордерот Реал има 15 титули во Лигата на шампионите (порано Куп на шампионите) и загуби само три финалиња во историјата, последното во 1981 година. Потоа има девет победи во девет финални нтпревари.
Борусија од Дортмунд остана на еден трофеј во Лигата на шампионите, го освои во 1997 година кога во финалето го победи Јувентус со 3:1. После тоа, како и оваа сабота, го загубија финалето во 2013 година, исто така на „Вембли“, тогаш од минхенски Баерн.
Борусија одигра одлично во текот на првото полувреме, откако ги затвори сите приоди кон својот гол и дефанзивно одигра перфектно, прецизно, концентрирано и без грешките што му се случија на германскиот тим во текот на оваа сезона во Лигата на шампионите. Во првите 45 минути Реал имаше само два срамежливи обида кога Џуд Белингем и Винисиус Жуниор шутираа од далечина, но во двата случаи играчите на Реал беа многу непрецизни. На другата страна Реал „преживеа“ во неколку ситуации, но сепак го дочека одморот без примен гол.
Првата добра акција ја одигра Борусија во 14. минута кога искомбинираа Фуелкруг и Брант, а вториот упати непрецизен удар. Многу подобра шанса за клубот од Дортмунд се случи во 21. минута кога Адејеми излезе сам пред Куртоа, по одличната асистенција на Хумелс. Но, при заобиколувањето на белгискиот голман, Адејеми отиде предалеку од голот и на крајот не им се закани на мадриѓаните на вистински начин.
Борусија беше точна, брза и прецизна во нападите, па следуваше нова закана во 23. минута, тоа беше најдобрата шанса во првото полувреме. Маатсен одигра одлична топка во простор каде натрча Фуелкруг и во пад упати удар при паѓање, а топката заврши во стативата од голот на Реал. Прашање е само дали напаѓачот на Борусија беше во офсајд позиција пред ударот, но судиите не реагираа и акцијата продолжи откако топката дојде во посед на играчите на Реал.
До крајот на првиот дел, Адејеми имаше уште една полушанса за Германците, додека Реал и покрај тоа што имаше повеќе од 60 проценти посед, беше целосно безопасен и немаше идеја како да го пробие добро поставениот противник. Во 41. минута и Забицер се обиде од далечина, но опасниот обид голманот на Реал Куртоа го блокираше.
Со почетокот на вториот дел почнаа и првите проблеми за Кобел, голманот на клубот од Дортмунд. Во 49. минута Крос одлично шутираше од 20 метри оѕкосо од слободен удар, но голманот на Борусија ја извлече топката од самиот агол. Осум минути подоцна се обиде Карвахал, но одбраната на Борусија некако го реши тој проблем.
Првата вистинска шанса Борусија ја имаше во второто полувреме во 63. минута. Адејеми го пронајде Фуелкруг, кој вп пад остро шутираше со глава но директно во Тибо Куртоа.
Во продолжение Реал дефинитивно беше поконкретен во нападот, иако тешко креираше вистинските акции или вршеше поголем притисок врз противникот. Реал напаѓаше внимателно, но стануваше сѐ поопасен. Во 69. минута Винисиус Жуниор ја уфрли топката во противничкиот шеснаесетник, а Кобел одлета во празно само малку закачувајќи ја топката и имаше среќа што таа не заврши во неговиот гол.
Во 74. минута мрежата првпат се затресе, и тоа на германскиот тим. Малку несмасно, играчите на Борусија му подарија корнер на противникот, по што Карвахал најдобро реагираше пред противничкиот претерц и погоди за водство на Реал од 1:0. Во следните неколку минути Мадрид можеше да го реши финалето. Првата шанса ја пропушти Белингем, потоа Крос повторно се обиде од слободен удар како и Камавинга, додека Начо по корнер како Карвахал беше милиметри блиску до голот за 2:0.
А погодогот навистина дојде во 83. минута. Маатсен направи голема грешка, им ја подари топката на противниците, а Винисиус Жуниор заврши сѐ со голот за 2:0. Во 88. минута се разбудија надежите на „жолто-црните“ од Дортмунд. Фуелкруг погоди со глава од непосредна близина, но брзо беше покажано дека станува збор за недозволена позиција, што значеше дека Борусија (Д) дефинитивно беше поразена во финалето, каде одигра одлично прво полувреме, кое не го руниса со водство. Во продолжение Германците паднаа физички и тркачки, а Реал постепено создаваше притисок и на крајот постигна голови кои ја потврдија неверојатната моќ на овој клуб во Лигата на шампионите.