„Реал ќе освоеше сѐ ако не го донесеше Бекам!“

Документарниот филм посветен на Дејвид Бекам, објавен неодамна на површина извади многу работи за приватниот живот и кариерата на англиската фудбалска суперѕвезда, но во исто време предизвика многу негови пријатели и познаници да изнесат во јавноста дополнителни детали за него.

Меѓу нив и британскиот новинар Џон Карлин кој за шпанскиот поткаст Ел Ларгуеро откри нешта кои досега не беа многу познати. Меѓу другото, се осврна и на квалитетите на Бекам и животот во Мадрид.

„Знам многу за Дејвид Бекам, напишав и книга за него и патував со него додека играше и во Јунајтед и во Реал. Тој е многу пристоен човек, прекрасна личност, се поздравува со сите и кога правеше интервју за АС, се ракуваше со цела екипа – од хигиеничарките до секретарката.

Но, според играчките квалитети, тој не беше во топ-50 фудбалери во своето време. Не беше толку добар играч, ни во Реал, ни во Јунајтед и мене ми е фасцинантно како стана толку голема ѕвезда. Во првата сезона во Реал бев со него постојано и го следев одблиску. Реал тогаш не освои ништо, а ако не го потпишеше Бекам и го оставеше Макелеле како поддршка на Раул, Зидан и Фиго, ќе освоеше тројна круна. Доаѓањето на Бекам не му помогна на Реал, напротив, му направи проблем“, смета Карлин.

Бекам играше за Реал четири сезони и во тој период освои само два трофеја: Суперкуп на Шпанија во 2003 и Ла Лига во 2007. Интересно е тоа што со неговото доаѓање почна доминацијата на Барселона која во тие четири сезони дојде до два трофеја во шпанското првенство и една во Лигата на шампионите, победувајќи го неколку пати убедливо тимот на Реал.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.