Во саботата во јавноста го претставивме предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година,
откако истиот беше усвоен од страна на Владата. Согласно новите геополитички
случувања и нивниот ефект врз глобалната економија, реструктуирањето на буџетот
имаше за цел да ги прилагоди проекциите на новиот макроекономски контекст, да се
предвидат средства за одговор на кризата, да се оптимизираат изворите на финансирање
и зачува фискалната одржливост. Пред да се осврнам на измените и дополнувањата кои
се предлагаат за Буџетот во 2022 година, ќе истакнам дека ова е навремен, одмерен и
проактивен одговор на глобалните случувања. Тоа е логичниот, следен чекор кој треба да
се преземе.
Порано месецов и Хрватска излезе со ребаланс на буџетот. Хрватска направи надолна
корекција на БДП за 1,4 процентни поени, односно од 4,4% на 3% раст за годинава,
додека проекцијата за стапката на инфлација ја зголемиja од 2,6% на 7,8%. Приходната
страна на хрватскиот буџет е зголемена, но и исто расходната страна за повисока сума
од приходната, додека буџетскиот дефицит е проширен. Начелно, измените кои ги имаат
направено се во иста насока со измените кои и ние ги предложивме со ребалансот.
Војната во Украина сидро на глобалните и домашни економски текови
Кој е контекстот? – Проекциите за овогодинешниот буџет се правени во втората половина
од 2021 година. Минатата година глобалната и европската економија, забрзано
заздравуваа. Истото е случај и со земјите од регионот. Справувањето со пандемијата,
имунизацијата, поповолната меѓународна положба и реотварањето на економиите,
придонесе за забрзан раст. Минатата година нашата економија постигна солиден
економски резултат од 4%. Во текот на минатата година, се појавија одредени ценовни
притисоци, пред се кај енергентите и некои други примарни производи на глобалните
пазари. Овие притисоци се појавија како резултат на нарушените синџири на добавување
за време на пандемијата, односно понудата не се опоравуваше доволно брзо за да
одговори на побарувачката, која се враќаше во нормала. Сепак, очекувањата на
меѓународните финансиски институции беа дека овие неусогласености ќе се надминат и
дека веќе во првата половина од 2022 година тие ќе се стабилизираат.
Но, она што меѓународните финансиски организации, како и ние, го немавме предвид во
тогашните проекции, е почетокот на војната во Украина. Русија и Украина имаат значајна
улога во глобалните синџири, како едни од најголемите извозници на енергенти и
житарици во светот. Со почетокот на војната во Украина, санкциите врз Русија, ценовните
притисоци се интензивираа и прелеаа, додека дополнителни закани за економиите се
појавија преку трговијата, затегнувањето на финансиските пазари и неизвесноста од аспект на инвеститорите и потрошувачите. Сето ова придонесе за намалување на
очекувањата за економски раст за 2022 година.
Раст од 3,2% годинава, а потоа забрзување: 4,5% во 2023 и стапки над 5% од 2024 – 2027
Меѓународниот монетарен фонд очекува светската економија да порасне за 3,6% во 2022
година, или тоа е 0,8 процентни поени помалку во однос на јануарската проекција.
Економскиот раст на ЕУ е проектиран на 2,9%. Очекувањата за германскиот БДП за
годинава се раст од 2,1%.
ЕУ и Германија се нашите најголеми трговски партнери. Нашата економија е мала и
исклучително отворена. Согласно тоа, нашите проекции се во иста насока со нивните.
Заздравувањето на економијата ќе продолжи и годинава. Темпото ќе биде забавено во
однос на минатата година, но за 2022 година очекуваме раст од 3,2%. Ова е за 1,4
процентни поени помалку во однос на проекцијата врз која се засноваше Буџетот за 2022
година. Оваа проекција соодвествува и со најновата проекција на ММФ за нашата земја.
Очекувањата за растот се засниваат на очекувањата за побарувачката, при што за
приватната потрошувачка се проектира раст од 3,3%. Се очекува дека влијанието на
ценовните притисоци врз доходот на домаќинствата ќе биде неутрализиран преку
зголемената минимална плата, зголемените пензии, но и преку други владини мерки за
ублажување на ефектите од ценовниот шок. За бруто-инвестициите е проектиран реален
раст од 5%. Покрај капиталните буџетски расходи, соодветен придонес се очекува и од
приватните инвестиции, пред сѐ, како резултат на поддршката за развој на приватниот
сектор и зајакнување на конкурентноста.
ММФ очекува инфлацијата во еврозоната да постигне годишна стапка од 5,3%, додека во
следниот период се очекува да успори и да се врати на годишна стапка од 2%. Согласно
тековните движења кај нас и очекувањата за инфлацијата во еврозоната и ефектот на
прелевање кај нас, проектиравме годишна стапка на инфлација од 7,2%. Меѓународните
финансиски институции очекуваат цените во втората половина од годината, умерено и
постепено да почнат да се стабилизираат, додека догодина да дојде до целосна
стабилизација на истите. Согласно тоа, за 2023 година очекуваме годишна стапка на
инфлација од 3,5%, додека на среден рок, таа би се стабилзирала на 2%.
Со стабилизирање на ценовните притисоци, нормализирање на синџирите на
добавување, но и спроведување на Планот за заздравување и забрзување на растот,
нашите проекции се дека економскиот раст кај нас на среден рок ќе забрза. За следната
година проектираме раст од 4,5%, во 2024 година од 5,7%, 2025 од 5,9%, 2026 од 5,7% и
2027 од 5,5%.
На среден рок се очекува посилен раст на извозот, со нешто пониска стапка на раст на
узвозот. За годинава е проектиран раст на нето-платата за 11%, како резултат на раст на
минималната плата, покачувањето на платите во образованието, како и во некои од
повисоко-доходовните сектори, како ИКТ секторот. На среден рок се проектира да
продолжи растот на платите. Стапката на невработеност се очекува да продолжи да се
намалува, со проекција од 14,5% за годинава, додека на среден рок се очекува истата да
се сведе на 8,2% во 2027, додека стапката на вработеност да се покачи на 54,7% за
истата година.
Со иницијалниот буџет вкупните приходи за 2022 година беа планирани на ниво од 238,9
милијарди денари (3,88 милијарди евра) и истите беа за 7,4% повисоки во однос на
Ребалансот за 2021 година, додека расходите беа планирани на ниво од 272,4 милијарди
денари (4,43 милијарди евра) или за 1,4% повисоко во однос на 2021 година. Со вака
планираната приходна и расходна страна на буџетот, проектиравме постепено
намалување на буџетскиот дефицит, односно постепена консолидација, која нема да се
одрази на економскиот раст.
Во периодот јануари-април 2022 година, вкупните приходи на Буџетот на Република
Северна Македонија се реализирани во износ од 78,9 милијарди денари (1,28 милијарди
евра) или околу 33% од проектираните. Расходите за истиот период се реализираа во
износ од 83,6 милијади денари (1,34 милијарди евра) или околу 30,7% од Буџетот за 2022
година. Во овој период навремено и непречено се подмируваа обврските на буџетските
корисници, законските права на граѓаните и доспеаните обврски кон домашните и
странските кредитори.
Од Буџетот на РСМ за 2022 година, од почетокот на годината исплатени се средства во
износ од 5,3 милијарди денари (86,2 милиони евра) како финансиска поддршка за АД
ЕСМ Скопје со цел справување со енергетската криза. На ваков начин преку навремена
поддршка во енергетскиот сектор беше надминат проблемот во снабдувањето со
електрична енергија, се заштитија граѓаните од ценовните шокови, а за компаниите се
обезбеди најповолната цена на електричната енергија. Потоа следеше и пакетот на
мерки од страна на Владата во однос на заштита на социјално ранливите катеогрии на
граѓани, стпонаството, како и мерки за заштеди кај буџетските корисници.
Во овој период остварен е дефицит во висина од 4,6 милијарди денари (74,8 милиони
евра) или 0,6% во однос на проектираниот БДП за 2022 година.
Со оглед на корекциите во макроекономските проекции, тековната економска ситуација и
состојбата на меѓународните пазари, јасна е потребата за реструктуирање на истиот за
да соодветно се одговори на новата ситуација.
Вкупните приходи со Измените и дополнувањата на Буџетот на Република Северна
Македонија за 2022 година се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари (4 милијарди
евра) и истите се за околу 6,9 милијарди денари (112,2 милиони евра) повисоки во однос
на иницијалните проекции на Буџетот.
Даночните приходи, се планирани на ниво од 143,2 милијарди денари (2,3 милијарди
евра) односно за околу 6,7 милијарди денари (108,9 милиони евра) или за 5% повеќе во однос на планираните со Буџетот за 2022 година. Проектираниот раст на даночните
приходи се должи на зголемувањето на даночната основа кај одредени видови на даноци
како резултат на пораст на потрошувачката, пораст на просечната плата, поголема
профитабилност на компаниите и слично, како и врз основа на очекувањата за подобрена
наплата на даночните приходи поради намалување на сивата економија, засилена
даночна контрола и поедноставување и дигитализација на даночните постапки, и
понатамошна реализација на целите и приоритетите на Стратегијата за реформи на
даночниот систем 2021-2027.
Вкупните расходи се ревидирани на ниво на ниво од 288,5 милијарди денари (4,7
милијарди евра) или повисоко за 5,9%, односно за околу 16,1 милијарди денари (261,8
милиони евра) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година.
Инаку, во разговорите за ребалансот на буџетот се направени и кратења во повеќе ставки
во вкупен износ од 13,4 милијарди денари (217,9 милиони евра).
Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е планиран на ниво од
42,7 милијарди денари (694,3 милиони евра), односно 5,3% од БДП, што е за 9,1
милијарди денари (148 милиони евра) повеќе во однос на првичниот буџет.
Дополнителни средства за антикризни мерки, плати, пензии, субвенции и гарантирана помош
Сега ставка по ставка би ја поминал расходната страна, со цел јавноста да добие
детален приказ, каде се зголемуваат, а каде кратат расходите.
Кај ставката Плати и надоместоци, планираме 32,3 милијарди денари (526,1 милион евра)
или 554,7 милиони денари повеќе во однос на иницијалниот буџет за усогласување на
платите на вработените кај буџетските корисници со минималната плата и планираниот
раст на плати во правосудство и полиција. Тука мора да се напомене дека во оваа сума
се содржани и ефектите од контрола на новите вработувања и оптимизација на јавната
администрација, односно државната администрација кај буџетските корисници е
намалена за 500 вработени во однос на декември 2021 година кога администрацијата
броеше 87,000 вработени.
Во однос на реакцијата на Сојузот на синдикати во однос на покачувањата на платите во
јавниот сектор ќе напоменам дека треба да се договори сеопфатна методологија со која
ќе се прилагодат платите во целиот јавен сектор. Во оваа методологија ќе се вреднува
продуктивноста, како и одржувањето на стандардот (растот на реалната плата и
инфлацијата). Соодветно кога ќе се постави методологијата ќе се наменат и средства.
Расходите за стоки и услуги се планирани во износ од околу 22,3 милијарди денари (362,6
милиони евра), што е за 2,2 милијарди денари (35 милиони евра) повисоко во однос на
иницијалниот буџет. Додека се крати на привремени вработувања и друг ситен инвентар,
во оваа ставка нагорната корекција се должи на Комунални услуги, греење, комуникација
и транспорт, како резултат на раст на цените на енергентите, а во функција на непречено
извршување на тековните активности на јавниот сектор, расходи за НАТО обврски во
министерство за одбрана, како и предвидени трошоци за вегалци и раселени лица.
Тековните трансфери се планирани на ниво од 189,7 милијарди денари или за околу 19
милијарди денари повисоки во однос на планот за 2022 година, а се однесуваат на
потребните средства за имплементирање на економските мерки за поддршка на
граѓаните и економијата.
Предвидени се 4,7 милијарди денари (76,4 милиони евра) за резерва (бафер), кои ќе се
употребат за таргетирана поддршка за заштита на стандардот на граѓаните и
ликвидноста на компаниите во услови на продолжена криза на светскиот пазар на
енергенси и примарни производи.
Исто така, планирани се дополнителни субвенции и трансфери за директна финансиска
поддршка во земјоделскиот сектор со обезбедување на дополнителни 3,2 милијарди
денари (52 милиони евра) наменети за поддршка на растително и животинско
производство, со цел стимулирање на приносите, зголемување на продуктивноста,
поголема конкурентност, како и амортизирање на ценовните притисоци на основните
прехрамбени производи.
Раст има и кај ставката Тековни трансфери до локална самоуправа, што се должи на
растот на блок дотациите, кои се однесуваат на зголемената плата од 15% за градинките,
основните и средните училишта од септември годинава.
Пензиите се дополнително зголемени, согласно новата методологија на пресметка на
пензиите, според која усогласувањето на пензиите се врши според движењето на
индексот на трошоците за живот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената
плата на сите вработени во висина од 50%.
За програмата за субвенционирање на придонеси за поддршка на плати планиран е
поголем износ и истата е наменета за поттикнување на работодавачите да исплаќаат
плата во повисок износ заради подобрување на економскиот стандард на вработените во
приватниот сектор, односно во дополнително планираниот износ вклучен е ефектот за
субвенциониран придонес за разликата во плата до минимална плата.
За корисниците на правото на гарантирана минимална помош обезбедена е
дополнителна финансиска поддршка во износ од 2,4 милијарди денари (39 милиони
евра).
Трансферите во фондот за здравство ќе одат за намалување на обврските на јавните
здравствени установи како и за зголемени плати за медицинскиот персонал и лекарите.
Капиталните расходи продолжуваат да бидат на највисоко ниво во однос на претходните години
Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,2 милијарди денари (523,6 милиони
евра) или за околу 6 милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година. Ќе
нагласам, капиталните инвестиции за оваа година остануваат на рекордно ниво и со оваа
сума, односно тaа е за 8,8 милијарди денари или 37,8% повисоко во однос на минатата
година и за 16,1 милијарди денари, односно два пати повисоко во однос на 2020 година.
Механизмот КАПЕФ функционира, се следи будно реализацијата и онаму каде има
послаба динамика на реализација се одземаат средствата.
Планирани се значајни инвестициски вложувања во патната инфраструктура –
Коридорите 8 и 10. Ќе спомнам некои од делниците за кои се обезбедуваат средства за
планирање, проектирање и изградба. Тука се делниците Тетово-Гостивар/проширување
на автопат, изградба на нов автопат Требеништа – Струга – Ќафасан, изградба на
делница Гостивар-Букојчани, како и делницата Прилеп – Битола. Ќе се изготви
физибилити студија за изградба на патот Тетово-Призрен. Предвидена е изградбата на
источниот дел од патниот Коридорот 8 преку делницата Ранковце-Крива Паланка и
делницата Крива Паланка до границата со Бугарија, како и западниот дел од патниот
Коридор 8 преку изградба на автопатска делница Кичево-Букојчани и делницата Кичево-
Охрид. Исто така со кредитни средства предвидена е изградбата на автопатската
делница Скопје-Блаце (граница со Косово), патната делница Штип-Радовиш итн.
Во делот на железничката инфраструктура, планирано е финансирањето на трите фази
од изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга – Коридор 8 делот
кон Бугарија, како и обезбедување на финансирање за Проектот изградба на железничка
пруга Кичево – граница со Албанија.
Во областа на гасификацијата, предвидено е изградба на магистрални гасоводи делница
Скопје-Тетово, Гостивар-Кичево и делница Свети Николе–Велес, изградба на
интерконективен гасовод меѓу Република Северна Македонија и Република Косово,
изградба на интерконективен гасовод меѓу Република Северна Македонија и Република
Србија, како и изградба на интерконективен гасовод меѓу Република Северна Македонија
и Република Грција.
Планирани се и голем број на други капитални проекти во делот на образование и детска
грижа, здравство, заштита на животна средина и управување со отпад… впрочем
списокот е доста долг, агендата амбициозна, а за тоа сведочи и високата планирана сума
од над половина милијарда евра капитални инвестиции.
Отплата на долови и покривање на дефицитот во 2022 година, како и обезбедување на резерви за 2023 година
Проектираниот дефицит за 2022 година на ниво од 42,7 милијарди денари (694,3 милиони
евра), отплатата по основ на главница на надворешен долг во износ од 6,2 милијарди
денари (101,3 милиони евра) и отплатата на домашен долг во износ од 5,5 милијарди
денари (90 милиони евра) ќе се финансираат преку задолжување на меѓународниот и
домашниот пазар.
Со оглед на актуелните економски и надворешно-политички состојби, оваа година
поголем фокус ќе биде ставен на финансирање од меѓународните пазари, што ќе
овозможи повеќе пари од домашниот банкарски сектор да бидат искористени во
македонската економија, а дополнително, преку надворешните извори за финансирање
ќе се зголемат девизните резерви на државата.
Во рамки на домашното задолжување, што ќе се реализира со државни хартии од
вредност на домашниот пазар, односно со издавање на трезорски зааписи и државни
обврзници, за финансирање на буџетот, ќе биде со истовремена отплата на државни
обврзници. Задолжувањето во странство се реализира преку повлекување на средства од
поволни кредити од странски финансиски институции наменети за финансирање на
одделни проекти како и задолжување заради финансирање на буџетскиот дефицит.
Имено, за финансирање на буџетскиот дефицит се предвидени средства од ММФ, како и
средства од меѓународниот пазар на капитал преку издавање на должнички хартии од
вредност.
Притоа, во услови на енергетска криза, здравствена пандемија и војна во Украина,
условите на меѓународните пазари на капитал се променливи и тешко предвидливи.
Затоа, со цел да се обезбеди непречено финансирање на буџетските потреби, како и да
се намалат ризиците за рефинансирање, оваа година во буџетот се става готовински
бафер – резерва, којшто нема да биде потрошен во тековната година, односно истиот ќе
обезбеди средства за претфинансирање на следната година. Финансиските средства што
ќе се обезбедат на финансиските пазари ќе бидат искористени за финансирање на
потребите на буџетот во тековната година, како и за делумно финансирање на 2023
година.
Со цел постојано унапредување на финансискиот пазар на државни хартии од вредност и
следење на светската практика, Министерството за финансии работи на диверзификација
на изворите на финансирање и воведување на нови видови на финансиски инструменти
кои ќе имаат различна примена, како развојни обврзници, зелени обврзници и проектни
обврзници. Овие обврзници најверојатно нема да се применат во тековната фискална
година, но на среден рок ќе придонесат кон диверзификација на портфолиото, а со
намалување на ризикот и трошокот за финансирање.
Очекувања…
Овој ребаланс на буџет е соодветен одговор на глобалните случувања, од кои ние, како
мала и отворена економија не сме изолирани. Проектираме повеќе средства за поддршка
на стандардот на граѓаните. На овој начин се поддржува потрошувачката, а со тоа и
економската активност. Поддршка на економската активност имаме и преку капиталните
расходи, кои се на највисоко ниво досега. Во случај на потреба имаме проектирано
соодветна резерва која ќе ја искористиме за нов пакет на мерки.
Иако глобалниот контекст е многу неизвесен, пред се поради тоа што изворот на кризата
е политички, односно условен од развојот на ситуацијата во Украина и новите санкции кон
и од Русија, сепак очекувањата се стабилизација, веќе следната година. Со
стабилизација на глобалните синџири и цените на светските берзи ќе се намалат и
притисоците за нашата економија. Важно е овој период да го премостиме, одржувајќи ја
макроекономската стабилност и без креирање на домашни притисоци преку
поттикнување на инфлациските очекувања.
Фатмир Бесими, министер за финансии
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.