Регистрирани над 40 големи кластери во државата, Скопје и натаму со најмногу заболени

Не стивнува бројката на новозаболени лица од Ковид-19 во државата. Во текот на вчерашниот ден регистрирани се нови 182 случаи, од кои најмногу се во Скопје – 107. Со ова, вкупниот број на заболени во главниот град достигна 2.243 случаи, а активни се 1.507. Епидемиолошките анкети укажуваат и на 40 големи кластери на територија на целата држава.
Најголем број од активните случаи во Скопје се регистрирани повторно во општината Чаир – 336, потоа Гази Баба – 128, Аеродром – 125, Центар – 121, Бутел – 118, Сарај – 105, Карпош – 103.
Регистрираните 182 нови случаи со Ковид-19 по Скопје, се во Куманово со 14 заболени, Штип-4, Тетово-23, Струга-5, Битола-2, Охрид-6, Гостивар-4, Струмица-1, Кочани-1, Берово-1, Ресен-13, Неготино-1. Институтот за јавно здравје вчера регистрираше 33 оздравени пациенти од: Скопје-22, Дебар-1, Штип-1, Прилеп-1, Тетово-1, Велес-2, Битола-1, Кочани-2, Свети Николе-1, Кичево-1.
Починаа уште шест лица, двајца пациенти од Скопје, двајца од Куманово и двајца од Тетово.


Вкупната бројка на Ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 4.664, бројката на оздравени пациенти е 1.836, а на починати е 216. Во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.612. Досега се направени вкупно 47.793 тестирања на Ковид -19.
Епидемиолошките анкети укажуваат и на бројни семејни кластери.
Од 24 мај – од денот кога почна релаксирањето на мерките, се зголемува бројот на позитивни пациенти. Во овој период регистрирани се над 40 големи кластери на територија на целата држава.
Големите кластери, како што истакна вчера директорката на Државен санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Иринка Сотирова Бухова, се „Мекици Охрид“, „Слава Ресен“, „Свадба Скопје“, „Ифтарски вечери“ и „Погреби“. На нив присуствувале од 50 до 150 луѓе.
Епидемиолошките анкети укажуваат на бројни семејни кластери. Во периодот од 24 мај наваму, односно денот кога почна релаксирањето на мерките евидентно се зголемува бројот на позитивни пациенти. Во овој период регистрирани се повеќе од 40 големи кластери на територија на целата држава и неколку кластери, во еден период беа 15, па 20, на територијата на Град Скопје. Секојдневното зголемување на бројот на позитивни пациенти, според Сотирова Бухова, значи огледало на нашето однесување наназад најмалку 14 дена.
Во однос на семејните кластери, според епидемиолошките анкети, има од четворица до 20 инфицирани со исто презиме односно во една фамилија.
По отворените кластери, „Мекици Охрид“ има 21 позитивен и повеќе од 100 контакти, „Куќна слава Ресен“ има 31 позитивен и повеќе од 70 контакти. Кластерот „Свадба“, пак, има само 14 позитивни и ниту еден контакт. Сотирова Бухова појаснува дека јавноста мора да добие одговор за овој случај за тоа дали МВР постапува соодветно.
-Министерството за внатрешни работи (МВР) помага кога не можеме да доставиме одредени решенија, но сега веќе ќе мора тоа да се решава и на друг начин, а дали МВР постапува по однос на големите прашања Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и не мора да добие одговор. Јавноста треба да добие одговор за случајот кластер „Свадба“, каде се уште има само 14 позитивни и ниту еден контакт, истакна Сотирова Бухова.
Има кластери и од погреби кои по протокол не смеат да се извршуваат со повеќе од пет лица, а ДСЗИ нема информации дали МВР постапува по овие случаи.
Надлежните предупредуваат дека бројот на заразени со Ковид-19 ќе се зголемува и во наредните 10 до 15 дена поради проблемите со кои инспекторите наидуваат на терен, а тоа е недавање на точни лични податоци, непостоечка адреса, телефон или меил, неточно име, презиме згрешено со две или три букви.
-Проблемите со кои наидуваме на терен на дневна основа се недавање точни лични податоци. Во епидемиолошката анкета дава точно име, а презиме случајно згрешено со две или три букви, непостоечка адреса, телефонски број не постои, меил секако не. Тоа се податоците кои ги добиваме од одредени граѓани, лажни односно неточни. Податоците при врачување на решенија за самоизолација кои се со точни податоци на терен се од типот: ова лице не живее тука со години, не го познаваме или едноставно неотворање врати за да не се прими решението, истакна Сотирова Бухова.
Досега ДСЗИ има издадено над 8.000 решенија по основ на контакти, над 3.200 решенија на позитивни за домашно лекување и самоизолација и над 3.500 решенија на повратници со негативен корона тест.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.