На њујоршки Волстрит берзанските индекси скокнаа до рекордно ниво во средата, бидејќи инвеститорите очекуваат новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да ги олабави регулаторните правила во голем број економски сектори.Индексот Dow Jones скокна за 3,57 отсто, на 43.729 поени, додека S&P 500 порасна за 2,53 отсто, на 5.929 поени, а индексот Nasdaq за 2,95 отсто, на 18.983 поени.Новите рекорди на овие индекси се благодарение на очекувањата на инвеститорите дека ново-стариот претседател Трамп, кој вчера ја победи својата ривалка Камала Харис на изборите, ќе ја води економската политика како и во претходниот мандат, дека ќе ги намали даноците и ќе спрведе дерегулација во различни области.Така, Dow Jones и S&P 500 забележаа најголем дневен скок од ноември 2022 година, а индексот Nasdaq од февруари.Истовремено, цените на акциите пораснаа во сите сектори, а највисоко, во просек за 6,2 отсто, во финансискиот сектор. Цените на акциите на банките остро пораснаа, во просек за повеќе од 10 отсто, бидејќи инвеститорите веруваат дека Трамп ќе ја олабави регулативата во овој сектор.Силно, за речиси 6 отсто, скокна и Russell 2000 индексот на помалите компании, бидејќи пониските даноци и дерегулацијата треба да им го олеснат бизнисот.Покрај победата на Трамп, позитивно на пазарот влијаат и очекувањата дека американската централна банка дополнително ќе ги намали клучните каматни стапки на овонеделната сесија. Пазарот очекува Fed да ги намали клучните каматни стапки за 0,25 процентни поени, во опсег од 4,50 до 4,75 отсто.А на европските берзи вчера паднаа цените на акциите. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,07 отсто, на 8.166 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 1,13 отсто, на 19.039 поени, а париски CAC 0,51 отсто, на 7.369 поени.
Пронајдете не на следниве мрежи: