Фросина Ременски, пратеничка од редовите на СДСМ и потпретседателка на Собранието, му напиша итно барање на претседателот на Собранието, Талат Џафери, со барање да го извести МВР за да се реагира по заканите кои ги добиваат пратениците и истите да се заштитат без разлика на која партија припаѓаат.
Писмото на Ременски го пренесуваме интегрално:
„Како претседател на Собранието на Република Македонија, а во контекст на актуелната општествено-политичка состојба во Република Македонија и процесите во Собраниетo, одговорно и сериозно сакам да Ве известам за нарушениот демократски амбиент во кој пратениците на Собранието на РМ ја извршуваат својата функција.
Имено, повеќе од една година е нарушен општествениот амбиент во кој пратениците се изложени на јавно искажани закани по нивниот живот, безбедноста на нивните семејства, деца и трпат сериозен говор на омраза и линч на социјалните мрежи. Сето ова, индивидуално и колективно влијае на чувството на безбедност на пратениците и нивната слобода во извршувањето на уставно и законски гарантираното право на одлучување и гласање во Собранието.
Од Вас барам да го известите Министерството за внатрешни работи да ги превземе сите неопходни активности за обезбедување на физичкиот интегритет на пратениците независно од која политичка партија доаѓаат и да го информирате Основното јавно обвинителство по службена должност да поведе истрага за сите закани упатени кон избраните пратеници, му напиша пратеничката Ременски на Џафери“, пишува пратеничката.