Република Македонија денеска одбележува 28 години од успешно спроведениот референдум во 1991 година, на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.
На референдумот над 95 отсто од граѓаните што излегоа да гласаат позитивно одговорија на прашањето „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.
Претходно, на 25 јануари 1991 година првиот повеќепартиски македонски Парламент, усвои Декларација за независност. Волјата на народот за самостојна држава формално беше потврдена со Декларација за прифаќање на референдумските резултати на 18 септември 1991 во Собранието на Република Македонија.
Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Десет години подоцна, Уставот беше надополнет по конфликтот во 2001 и потпишувањето на Рамковниот договор.
Државноста прва ја призна Република Бугарија, по што следуваа признавања од Турција, Словенија, Хрватска, Русија, Босна и Херцеговина…
Монетарно, државата се осамостои со воведување на денарот на 26 април 1992, а потоа доби и своја Армија која роденденот го слави на 18 август.
Меѓународно-правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена како 181 полноправна членка на Светската организација. Поради противењето и притисоците на Грција, која не го прифаќаше нашето уставно име, зачленувањето во ОН беше под привремената референца: Поранешна југословенска Република Македонија.
Под покровителство на ОН, Скопје и Атина почнаа разговори за решавање на проблемот и конечно по повеќедецениски преговори, минатата година на 17 јуни во Преспа беше потпишан договор меѓу двете држави за решавање на спорот со името.
Изминатите 28 години самостојно живеење се одликуваат со низа проблеми и тешкотии. Трицифрената инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат кон остварувањето на стратегиските цели – зацврстување на демократијата, економски развој и интеграција во евроатлантските структури. И политичката криза последните години предизвика застој во процесот на евроинтеграциите, но беше надмината со Договорот од Пржино, декемвриските парламентарни избори и формирањето на ново владејачко мнозинство.
И покрај исполнувањето на сите критериуми за полноправно членство во НАТО, на Самитот на Алијансата во Букурешт во април 2008 година, државата доби само условена покана за членство, откако Грција го блокираше приемот поради спорот за името.
Иако во 2005 година земјата доби статус на кандидат за членство во ЕУ, а во 2008 и препорака од ЕК за почеток на пристапните преговори со Унијата, која беше повторена и во наредните години, Грција, како и за НАТО, ја блокираше македонската евроинтеграција.
Македонија годинава на денот на својот 28 роденден се уште го чека патот кон ЕУ и НАТО.