Респиратор – технологијата што живот значи

Од избувнувањето на глобалната пандемија на коронавирусот вестите речиси на сите медиуми низ планетата опфаќаат голем број стручни медицински термини. И во земјите на Балканот речиси постојано на малите (и нешто поголемите) екрани се појавуваат лекари и специјалисти, кои многу често ги користат термините респиратор и вентилатор. Што се всушност овие уреди, за кои владее глобална побарувачка, па и нивната цена вртоглаво се зголеми?
Германските и француските претставници неодамна ги критикуваа САД поради пренасочувањето пратки со медицинска опрема. Сега постојат и сè повеќе извештаи дека од компании од Кина и Азија заштитната опрема и медицинските уреди се продаваат на некој што ќе плати најмногу, а тој „некој“ се главно компании од САД. Колку е ситуацијата сериозна сведочи тоа дека министерот за здравство на Барбадос ги обвини САД дека заплениле 22 респиратори, како што се шпекулира, што им ги подарила познатата пејачка Ријана.
Минатата недела министерот за здравство на градот Берлин, Андреас Гајзел, директно ги обвини Американците дека се служат со методи од Дивиот Запад и ја одземаат опремата наменета за здравство. Причина? Па, САД пренасочиле пратка од стотици илјади 3М-маски наменети за полицијата во Берлин, од Германија за САД, додека биле пренесени од авион до авион во Тајланд. Уште поинтересно е што 3М е всушност американска компанија, но купува и маски од азиски производители.


Респираторите денеска се злато вредни
Американскиот лекар Џон Емерсон во триесеттите години од минатиот век ја претстави првата верзија на респиратор за употреба во болниците. Сепак, биле потребни дваесет години овој уред да се најде на листата за неопходна опрема во секоја болница, па така почетокот на педесеттите и шеесеттите години од 20 век овие уреди стануваат стандардни.
Првите модели на респиратори биле доста примитивни, некои направени во Велика Британија користеле модифицирана пумпа за велосипеди и мотор на бришач на автомобили. Иако биле рудиментарни, тие работеле доста добро. Намената на секој од овие уреди е да му помогне на пациентот во функциите со дишење, што пациентот делумно или целосно ги изгубил. Почетокот на шеесеттите години на пазарот доаѓа „манли марк два“, респиратор што имал и електронска контрола и користел компримиран гас или мешавина од кислород.
По почетокот на војната во Виетнам се појавила потреба за мали и преносни респиратори, па во САД е развиен „дајмонд ер“, што бил првиот респиратор без подвижни делови, што овозможил евтино производство и лесно сервисирање, а самиот уред бил мал и погоден за употреба на бојното поле.
Во осумдесеттите и деведесеттите години доаѓа до развој на респираторите со компјутерска контрола, преку вграден микропроцесор, а првите претставници биле „пуритан бенет 7200“, „серво 300“ и „хамилтон веолар“. Ваквите уреди можат да ја следат состојбата на пациентот, како и работата на самиот уред, и овозможуваат фино нагодување на работните параметри.
Докторката Наташа Јорданов Митиќ истакна дека респираторите се злато вредни во сегашната ситуација.

Повеќе апарати за помалку пари
„Пациентите ги следиме и во случај на влошување на нивната состојба им додаваме кислород преку маска. Ако оксигенацијата не е задоволителна, потребна е употреба на респиратор, за што одлучува анестезиологот. Искусен лекар е оној кој ќе забележи дали пациентот е загрозен, а само анестезиологот може да одлучи во кој момент ќе биде приклучен на респиратор. Голем број пациенти немаат потреба од респиратор, но во помал процент неинвазивните методи не помагаат, па лекарите мора брзо да одлучат и да реагираат, бидејќи без респиратор белите дробови не функционираат. Работата на респираторот ја следи анестезиолог, додава Митиќ.
Технолошката заедница, голем број компании, инженери и ИТ-експерти се вклучија во трката да развијат што е можно поедноставен и евтин респиратор, за да може во краток временски период да се произведат што повеќе. Американскиот гигант „Џенерал електрик“ и компанијата „Форд“ почнаа масовно производство на респиратори по дизајн на компанијата „Аирон“, која сама произведува само неколку уреди дневно.
Новата „коалиција“ на компании планира производство на околу 30.000 респиратори, бидејќи побарувачката за нив во САД е огромна, дури и гувернерот на државата Њујорк, Ендру Куомо, предупреди дека Њујорк може да остане без респиратори за пет дена. И „Џенерал моторс“ почна сличен проект, наречен „Вентек лајф“.
Инженерот и ИТ-експерт Горан Николиќ истакна дека големата побарувачка на респиратори е резултат на мал број компании што ги произведуваат.
„Во светот на медицинска технологија има само дваесетина играчи на глобално ниво. Покрај тоа, речиси сите дизајни на овие уреди се „комерцијални“ (патентирани и специфични), честопати некомпатибилни, па здравствените установи зависат од еден снабдувач и давател на услуги”, додаде Николиќ.
Ништо не може да се направи без политика
„Светските експерти и инженери сега работат бесплатно за побрзо да се дизајнира респиратор со „отворен извор“, а неговиот дизајн би бил бесплатен за сите, ќе може да се преземе од интернет, за да можат малите компании да ги произведуваат, дури и мали тимови со потребен алат. „Отворен извор“ значи дека на апаратот нема патент, дека производството е евтино, а често ваквиот дизајн е поедноставен за да можат апаратите лесно и брзо да се сервисираат“, изјави Николиќ.
И во Европската Унија, како и на Балканот, прашањето за набавка на респиратори речиси веднаш стана и политичко. Различни министри, секретари и лидери на опозицијата низ Стариот Континент започнаа со наддавање за бројот на респиратори, дали има доволно, кој купи повеќе, кој купи од Кина, а кој од Европската Унија, кој донирал и колку … политичкиот „ријалити“ што ја придружува глобалната криза се заканува дека ќе продолжи и по ставање на пандемијата под контрола, затоа што, како што честопати се вели во американската политика, „штета е да не се користи кризата за да се постигне политичка цел“.
И додека политичарите се расправаат, технолошката заедница и технологијата го спасуваат животот на луѓето низ светот.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.