Сите маркети што се пријавени за новогодишната кошница до крајот на денот да ги додадат и основните прехранбени производи, кои ги има околу 700 во синџирот, а доколку тоа не се случи Владата ќе биде принудена да донесе непопуларни мерки и одлуки.
Ова денеска од Прилеп го порача заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, кој по критиките дека дел од производите во маркетите се поскапени, најави дека ако е потребно Владата ќе донесе мерки кои не се пазарно популарни заради заштита на стандардот на граѓаните.
Ристески, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека дел од маркетите веќе се одзвале на повиците и веќе ги вклучиле основните прехранбени производи, како јајцата, маслото за јадење, шеќерот, млечните и месните производи во новогодишната кошничка.
Со ова, мислам дека уште повеќе се комплетира новогодишната кошничка“, изјави Ристески кој денеска беше во посета дневните центри во Прилеп, за лицата со церебрална парализа и Дневниот центар за лица со попречености „Ѕуница“.
Заменик-министерот рече дека пазарната инспекција ќе биде нонстоп на терен и доколку до крајот на денот сите маркети не ги додадат овие и други производи во новогодишната кошничка, ќе има непопуларни владини мерки и одлуки.
Според Ристески во првите денови од примената на мерката новогодишната кошничка кај повеќе од 1 100 производи имало намалувања на цените за најмалку 10 отсто.
„Но, за разлика од нив, имавме покачување на други основни производи кои не беа влезени во новогодишната кошница. Сега и тие производи се додадени и затоа анализата на крајот на денот ќе покаже дали Владата ќе оди или не со мерки“, рече заменик-министерот за економија и труд.
Тој се надева дека по новогодишната кошничка, статистиките ќе покажат дека мерката била од корист по буџетот на едно просечно македонско семејство.
Од Државниот пазарен инспекторат вчера соопштија дека нивниот мониторинг врз маркетите покажал дека цените на производите од новогодишната кошничка се намалени за 10 отсто и дека во неа се додадени и околу 30 нови производи, како млеко и млечни производи, месо и месни производи, масло и јајца. Цените и на овие нови производи, според ДПИ бележеле намалување од 10 до 20 отсто.
„Мониторинг на цените се спроведува кај производите кои се дел од новогодишната кошничка, но дополнително и кај одредени основни прехранбени производи кои не се дел од кошничката“, рекоа вчера од ДПИ.
Во ноември, како што беше наведено во соопштението, имало зголемување на цените на основните прехранбени производи, но со започнувањето на акцијата новогодишна кошничка постигнато е нивно стабилизирање и намалување.
Премиерот Христијан Мицкоски изминатите денови апелираше до трговците да го преиспитаат своето однесување и да не се служат со трикови. И тој и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши предупредија дека Владата ќе донесе поригорозни мерки како ограничување на маржите и цените доколку трговците не ги намалат цените на основните продукти надвор од новогодишната кошничка.