РИСТИЌЕВАТА ПАЛАТА – ПРВИОТ ЛИФТ И ПОСЛЕДНОТО КОРЗО

Симболот на Скопје, познатата Ристиќева палата во строгиот центар, е започната да се гради во 1925 година. Веќе во 1926 година таа е завршена според проектот на архитектот Драгутин Маслаќ, а фигурите на Ескулап и Хигија заедно со иницијалите В.Р. на сопственикот Владислав Ристиќ, фармацевт, ги изработил декоратерот Данило Стојковиќ.

Од нејзината изградба па до денес, скопјани ја сакаат и ја обожуваат оваа палата, која стана неразделен дел од историјата на Скопје, но и од нивната интимна историја, дел од нивните животи. Што ли сѐ не памети оваа палата, сместена во самиот центар, на плоштадот, но и на улицата Македонија, во близината на сите значајни скопски топоними и настани.

Демонстрации, пламени говори, пречеци, прослави, паради, но и возбудливи зачетоци на романтични љубовни приказни, средби, чекања пред книжарницата „Култура“, а честопати и тажни разделби и збогувања. Сето тоа го памети и бележи Ристиќевата палата, но и многу повеќе. Со елементи на академизмот во архитектурата, таа му дала нов, европски лик на Скопје.

Господинот Владо Ристиќ не само што бил богат и мудар, туку бил и посебно педантен, за сѐ што ќе се зафател сакал да го доведе до совршенство. Како што забележуваат новинарите и хроничарите, врз база на искази на сведоците од тоа време, кога започнала изградбата на палатата, господин Ристиќ постојано бил присутен на градилиштето. Набљудувал, сакал да знае сѐ, се залагал да се набави најквалитетниот градежен материјал. Не сакал ништо да биде препуштено на случајноста. Ѕидовите биле посебно засилувани со цврста железна арматура.

Кога скопјани го запрашале: „Господине Ристиќ, зошто градите вакво чудо, толкава палата среде Скопје?“, тој мирно и духовито одговорил: „Градам споменик за себе“. И навистина, не само што изградил споменик за себе, туку и за многу генерации скопјани и оставил траен белег во градот, објект што со својата цврстина им одолеа и на поплавата (1962) и на земјотресот (1963).

Ристиќевата палата во 1929 год. направила уште една сензација во Скопје. Бил донесен првиот лифт во градот. Тој е еден од првите во Македонија, и еден од ретките на Балканот воопшто. Лифтот бил од германско потекло и од марката „стиглер“. Лифтот долго време беше во употреба, до февруари 2011 година, кога со одлука на станарите од Ристиќевата палата лифтот му е подарен на Музејот на градот Скопје. Тој лифт е една од незаборавните скопски легенди.

По земјотресот, скопското корзо се одвиваше главно на просторот пред и околу Ристиќевата палата. Беше тоа корзото од крајот на нашите средношколски и почетокот на студентските денови, кои се незаборавни во секој човечки живот. Тука беше нашето последно корзо пред тоа да исчезне од центарот на Скопје.

Данило Коцевски

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.