Кристијано Роналдо стана сопственик на 25 проценти од акциите во шпанскиот клуб Алмерија, моментално третопласирана екипа во втората лига на шпанскиот фудбал.
Потврдата за купувањето ја објави Роналдо во четврток преку официјално соопштение, кое го објави шпанскиот печат.
Договорот беше реализиран преку CR7 Sports Investments, нова подружница на CR7 SA, преку која 41-годишниот португалски репрезентативец управува со својот бизнис и инвестиции.
Во изјава, Роналдо истакнува дека оваа аквизиција претставува важен чекор во неговата кариера како бизнисмен и инвеститор:
„Долго време сакав да придонесам за фудбалот и надвор од теренот. Алмерија е шпански клуб со силна основа и јасен потенцијал за раст. Сакам да соработувам со луѓето што го водат клубот за да ја поддржам неговата нова фаза од развојот.“
Во официјалното соопштение купувањето е опишано како стратешка инвестиција, но финансиските детали од трансакцијата не беа откриени.
Претседателот на Алмерија, Мохамед ал Кереиџи, чија група плати 100 милиони евра за клубот, го изрази своето задоволство што Роналдо стана инвеститор:
„Тој е меѓу најдобрите на теренот, многу добро го познава шпанскиот фудбал и го разбира потенцијалот на она што го градиме тука, и со тимот и со младинската академија“, нагласи Ал Кереиџи.
The post Роналдо стана ко-сопственик на шпанскиот клуб: „Пресвртница во неговата кариера како бизнисмен и инвеститор“ appeared first on Во Центар.



