Росоклија: МЕНТАЛИТЕТ(И)

Тие што се најжестоки во одбраната на македонскиот колективен национален идентитет, не ги интересира колективниот имунитет и заштитата на колективот, тие своите деца нема да ги вакцинираат (право на личен избор), нека се вакцинираат другите, а тие други немаат право на избор и мораат (не знам зошто) нивните невакцинирани деца да ги примат во колективот (градинка, училиште и тн).
Пратениците (или битангите) во собранието, имаат една цел, да не одат во затвор за направените кражби и ако може, а очигледно може, дополнително материјално да профитираат. Нив не ги интересира колективниот национален идентитет, а повеќето од нив и не знаат што е тоа освен како апстрактен термин. Сличноста во нивните размислувања зборува дека сепак, сите ние имаме еден ист менталитет.
Заради тоа, заради тоај наш менталитет, илјадници претпоставени интелелктуалци молчат, претпоставените бизнисмени инаку ситни трговци збогатени преку криминални зделки со власта, молчат, додека самопрогласените политичари инсталирани како власт од страна на ,,меѓународниот“, тргуваат со македонската држава и со македонскиот национален идентитет.
Татко ми раскажуваше една приказна од галичката историја. Некои домаќини се враќале од печалба. Биле пречекани од качаците и ограбени. Веста дека се ограбени дошла до Галичник пред тие да дојдат. Една негова тетка на тоа реагирала ,,нека му мисли тој кому е в праг“. Кога дошле ограбените, меѓу нив, на нејзиниот праг, бил нејзиниот домаќин.
П.С. Ова не е дискусија ниту за вакцините, ниту за криминалите на ,,избраниците“, ова е разговор за тоа кои сме ние, што е тоа што ние му го даваме на колективот, а да не е за наш личен профит, кое добро ние го правиме за заедницата во која живееме, не е разговор за тоа што ние би дале кога некој тоа би ни го овозможил (потребни ни се специјални услови за давање, нели, туку што е тоа што сме го дале до сега. Која е нашата морална основа врз која секој од нас завзема став.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.