На вториот ден од гласањето, руското Министерство за надворешни работи соопштило дека Киев ги интензивирал своите терористички активности во врска со изборите за да им ја покаже својата активност на западните раководители и да моли за уште поголема финансиска помош и смртоносно оружје
Русија денеска ја обвини Украина дека користи терористички активности за да ги попречи претседателските избори, кои се одржуваат веќе втор ден, а треба да завршат утре, пренесува Ројтерс.
Поранешниот претседател и актуелен заменик-шеф на Советот за безбедност, Дмитри Медведев ги осуди како „предавници“ демонстрантите, кои на неколку избирачки места се обиделе да ги запалат гласачките кабини и да истурат боја во гласачките кутии.
Војната во Украина, како што пишува Ројтерс фрлила сенка врз гласањето на изборите, кои како што велат, сигурно ќе му дадат на претседателот Владимир Путин уште шест години во Кремљ.
На вториот ден од гласањето, руското Министерство за надворешни работи соопштило дека Киев ги интензивирал своите терористички активности во врска со изборите за да им ја покаже својата активност на западните раководители и да моли за уште поголема финансиска помош и смртоносно оружје.
Според Ројтерс, во еден таков инцидент, украинско беспилотно летало фрлило граната врз гласачко место во дел од областа Запорожје во Украина, под контрола на Русија.
Државната руска новинска агенција цитирала официјален претставник на изборите кој пријавил дека нема штета ниту повредени кога експлозивната направа слетала на пет или шест метри од зграда во која се наоѓа избирачко место источно од градот Енерходар.
Сепак, Ројтерс пишува дека не може да го потврди инцидентот, зашто нема коментар од официјални лица во Украина.
Според украинските власти, изборите што се одржуваат во делови од нејзината територија контролирани од Русија се нелегални и неважечки.