Русија демантира дека Трамп разговарал со Путин за Украина

Кремљ во понеделникот ги негираше информациите дека новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп разговарал со рускиот претседател Владимир Путин во последните денови.

Американскиот весник Вашингтон пост претходно објави дека повикот Трамп-Путин се случил, повикувајќи се на неидентификувани упатени извори. Според нив , Трамп за време на разговорот, го предупредил Путин да не ја ескалира војната во Украина.

Новинската агенција Ројтерс исто така извести за телефонскиот повик, цитирајќи неидентификуван извор.
„Ова е целоснa невистина. Ова е чиста фикција, тоа е само лажна информација. Немаше разговор“, изјави денеска ( 11 ноември, 2024) пред новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.

Путин нема конкретни планови за разговор со Трамп

„Ова е најочигледен пример за квалитетот на информациите што се објавуваат сега, понекогаш дури и во доста реномирани публикации“, рече Песков.
Запрашан дали Путин има планови за какви било контакти со Трамп, Песков рече: „Сè уште нема конкретни планови“.

Портпаролот на Трамп, Стивен Чеунг, претходно исто тка не сакаше да го потврди извештајот во Вашингтон Пост. Тој за новинската агенција АФП изјави дека „не ги коментира приватните разговори на претседателот Трамп и другите шефови на држави и влади“.

Во извештајот на Вашингтон Пост уште беше наведено Трамп го потсетил Путин на значителното воено присуство на САД во Европа. Двајцата политичари, според весникот изразиле интерес за понатамошни разговори за брзо „решение на војната во Украина“. Покрај тоа, накратко било разгледано и прашањето за идната територијална структура на Украина.

Портпаролот на Путин, Песков, претходно зборуваше за „позитивни сигнали“ од идниот американски претседател во интервју за руските државни медиуми во неделата. „Тој барем зборува за мир, а не за конфронтација. Не зборува за неговата желба да ѝ нанесе стратешки пораз на Русија – тоа е она што го разликува од сегашната влада“, продолжи Песков.

Телефонски разговор на Трамп со Шолц

За време на кампањата, Трамп рече дека ќе најде решение за завршување на војната „во рок од 24 часа“. Сепак, тој никогаш не објасни како планира да го постигне тоа. Во исто време, Трамп решително се спротивстави на континуираната поддршка на Украина со милијарди долари од САД.

И Германија сака наскоро повторно да разговара со Русија. Канцеларот Олаф Шолц најави дека „наскоро“ ќе контактира со Владимир Путин. „Да, решив да разговарам со рускиот претседател во вистинско време“, рече канцеларот. „Но, јас сум одговорен политичар, нема да го сторам тоа сам“, додаде тој.

Во меѓувреме Шолц го имаше првиот телефонски разговор со Трамп по неговиот избор за претседател на САД. Канцеларот изрази подготвеност да „ја продолжи повеќедецениската успешна соработка меѓу владите на двете земји“, изјави владиниот портпарол Штефен Хебестрејт. Се наведува и дека двајцата се согласиле да „работат заедно за враќање на мирот во Европа“.

Пронајдете не на следниве мрежи: