Русија се обидува целосно да го блокира WhatsApp и да ги пренасочи корисниците кон државната апликација Max

Русија „се обиде целосно да го блокира“ WhatsApp во земјата, соопшти компанијата, додека Кремљ продолжува да ги заострува ограничувањата на апликацијата за пораки.

WhatsApp, во сопственост на Meta, соопшти дека потегот имал за цел да пренасочи повеќе од 100 милиони корисници во Русија кон „апликација за државен надзор“, објави BBC.

Ова доаѓа откако руските регулатори дополнително го ограничија пристапот до Телеграм, наведувајќи безбедносни проблеми. Се проценува дека Телеграм има приближно ист број корисници како WhatsApp во Русија.

– Обидот за изолирање на повеќе од 100 милиони корисници од приватна и безбедна комуникација е чекор назад и може да доведе само до помала безбедност за луѓето во Русија – соопшти WhatsApp.

Рускиот регулатор за комуникации Роскомнадзор постојано го предупредуваше WhatsApp да ги почитува локалните закони.

Државната новинска агенција Тас претходно оваа година објави дека се очекува трајно блокирање на WhatsApp во земјата во 2026 година.

– Ваквите сурови мерки се целосно оправдани – рече рускиот функционер Андреј Свинцов, потсетувајќи дека Русија ја прогласи Мета за екстремистичка организација.

Од таа одлука во 2022 година, Мета апликациите како Инстаграм и Фејсбук се блокирани во Русија и се достапни само преку VPN. Москва вложи големи напори да ги пренасочи граѓаните кон државната комуникациска платформа Max.

Апликацијата е споредена со кинеската WeChat, апликација што комбинира пораки и владини услуги, но без енкрипција.

Руските власти тврдат дека WhatsApp и Telegram одбиваат да ги чуваат податоците на руските корисници во земјата, како што е пропишано со закон.

Од 2025 година, властите наредија апликацијата Max да биде претходно инсталирана на сите нови уреди што се продаваат во земјата. Вработените во јавниот сектор, наставниците и учениците се обврзани да ја користат платформата.

Директорот на Телеграм, рускиот бизнисмен Павел Дуров, изјави дека државата го ограничува пристапот до неговата апликација за да ги принуди граѓаните да ја користат нејзината платформа за надзор и политичка цензура.

Иран се обиде со слична стратегија со забрана на Телеграм и туркање на граѓаните кон државна алтернатива, но луѓето најдоа начини да го заобиколат тоа, напиша Дуров.
The post Русија се обидува целосно да го блокира WhatsApp и да ги пренасочи корисниците кон државната апликација Max appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: