недела, 29 ноември 2026
Најново

Русија со остра порака кон САД: „Доста ултиматуми кон Иран“

Претпочитан извор Додај го Пулс24 во твоите извори на Google Додај

Русија испрати јасна дипломатска порака до Вашингтон, повикувајќи ги САД да се откажат од заканувачкиот тон кон Иран и повторно да се вратат на преговори. Ова го соопшти руското Министерство за надворешни работи по телефонскиот разговор меѓу Сергеј Лавров и иранскиот министер Абас Арагчи, при што Москва изрази надеж дека напорите за намалување на тензиите околу Иран сепак можат да дадат резултат.

Во руската порака се нагласува дека шансите за политичко и дипломатско решение не смеат дополнително да се уништат со нови потези, вклучително и во рамки на Советот за безбедност на Обединетите нации. Според Москва, ситуацијата на Блискиот Исток може да се стабилизира само ако се избегне дополнителна ескалација и ако се отвори простор за дијалог.

ПУЛС24.МК - 14 ГОДИНИ

Овој став доаѓа во момент кога Русија паралелно ја координира позицијата и со Кина. Во одделен разговор меѓу Лавров и кинескиот шеф на дипломатијата Ванг Ји, Пекинг изразил подготвеност да продолжи да работи со Москва во Советот за безбедност за смирување на кризата поврзана со Ормуската Теснина.

Сето ова се случува непосредно пред новото гласање во Советот за безбедност на ОН за резолуцијата предложена од Бахреин, насочена кон заштита на цивилниот поморски сообраќај во и околу Ормуската Теснина. Предлогот веќе наиде на отпор и претрпе измени, а Русија и Кина се меѓу земјите што предупредуваат дека секој потег што би можел да изгледа како нова ескалација може дополнително да ја влоши кризата.

Поврзани вести