“Тие сакаат погребот да се изврши тајно без никакви проштални церемонии. Ќе ме oдведат до работ на гробиштата и ќе ми кажат: ‘Твојот син почива овде’. Јас не се согласувам со тоа”, вели Људмила Навални во видео изјава, откако вчера и било дозволено да го види телото на нејзиниот син за прв пат откако на 16 февруари беше објавено дека тој починал
Људмила Навални, мајката на Алексеј Навални, кој минатата недела почина во затворска колонија во Сибир, денеска изјави дека руските власти вршат притисок врз неа тајно да го погреба телото на нејзиниот син, пренесуваат светските медиуми.
Мајката на Навални, кој беше жесток критичар на рускиот претседател Владимир Путин, изјави дека ѝ било дозволено од истражителите да го види телото на нејзиниот син доцна вчера во арктичкиот град Салехард.
Во видео изјава таа потврди дека ја потпишала посмртницата, но дека властите и понатаму го држат телото на нејзиниот син.
Таа наведува дека поминала 24 часа во канцеларијата на Истражниот комитет во Салехард и дека била одведена во мртовечницата во градот каде го видела телото на нејзиниот син, за прв пат откако на 16 февруари беше објавено дека тој починал
Људмила Навални, нагласува дека во мртовечницата била однесена тајно. Таа обвинува дека руските власти го кршат законот со тоа што не ѝ го предаваат телото на нејзиниот син и поставуваат услови каде, кога и како треба да биде погребан Алексеј“, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
“Тие сакаат погребот да се изврши тајно без никакви проштални церемонии. Ќе ме oдведат до работ на гробиштата и ќе ми кажат: ‘Твојот син почива овде’. Јас не се согласувам со тоа”,
додава таа во видеото.
Људмила Навални вели дека сака погребот на нејзиниот син да бид е јавен за да може сите негови поддржувачи да се збогуваат со него.
„Го снимам ова видео затоа што почнаа да ми се закануваат. Ме гледаат во очи и велат дека ако не се согласам со таен погреб, ќе направат нешто лошо со телото на мојот син… Не сакам никакви услови, самo сакам се да биде во согласност со закон, барам веднаш да ми го дадат телото на син ми“,
вели таа.
Људмила Навални се обидуваше да го види и да ѝ биде предадено телото на нејзиниот син откако беше објавена неговата смрт во една од казнено-поправните установи во Русија од најстрог тип.
Вчера мајката на Навални поднесе тужба до рускиот суд поради тоа што властите не гo даваат телото на нејзиниот син. Рочиштето по тужбата е закажано за 4 март и ќе биде затворено за јавност.
На 20 февруари, Људмила Навални објави видео на социјалните мрежи снимено надвор од таканаречениот затвор „Поларниот волк“, каде што Навални се наоѓаше од декември лани, молејќи го рускиот претседател Владимир Путин за негова помош, велејќи дека решението за оваа работа зависи исклучиво од него.