МОСКВА: ГО ПРОБИВМЕ ФРОНТОТ КАЈ ЛУГАНСК

Руските војници успеале да пробијат дел од одбраната на украинските сили во областа Луганск, соопшти руското Министерството за одбрана.

„Во текот на офанзивата, украинските војници се повлекоа на оддалеченост до три километри од линиите што претходно ги окупираа. Дури и посилната втора одбранбена линија на непријателот не беше во можност да ги спречи руските војници да се пробијат“, соопшти Министерството на својот канал на социјалната мрежа Телеграм.

Министерството не прецизираше на кој дел од фронтот во регионот Луганск е започната офанзивата.

Украинската армија известува за масовно руско гранатирање на линијата на фронтот. Киев соопшти дека ситуацијата е тешка, но додаде дека украинската војска одбила многу руски напади. Киев повторно ги повика сојузниците да го забрзаат доставувањето на воена помош.

Тоа го направи и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Во синоќешното обраќање тој истакна дека ситуацијата во источниот дел на земјата е исклучително тешка и таму руските сили напредуваат во последните недели, особено во близина на Бахмут.

„Ситуацијата на линијата на фронтот сè уште е исклучително тешка, особено во регионите Доњецк и Луганск. Буквално се води битка за секоја педа украинска земја“, рече Зеленски, додавајќи дека со новата офанзива Русија брза да ги постигне целите пред Киев да добие ново оружје.

„Затоа, брзината е клучна. Брзината во сè – донесување одлуки, спроведување одлуки, испраќање на материјали, обука… Брзината спасува човечки животи, брзината ја враќа безбедноста“, рече Зеленски, притоа заблагодарувајќи им на сојузниците за нивните ветувања за дополнителни пратки одбранбено оружје, тенкови, артилерија, гранати и обука.

Русија моментално контролира дел од јужните региони Херсон и Запорожје, вклучувајќи ја нуклеарната централа Запорожје, речиси цел Луганск, повеќе од половина од регионот Доњецк и регионалниот центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: