Откако денес и официјално го презеде раководењето со Обвинителството јавната обвинителка за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска изјави дека ќе бара снимки од безбедносни камери на црногорските гранични премини кои ги користел Никола Груевски при бегањето од државава.
Обвинителството, исто така, издало наредби до полицијата интензивно да работи на откривање на луѓе кои помогнале при бегството на експремиерот, како и проверка на телефонски повици и безбедносни камери. МВР информира дека информациите кои ги прибрале до сега веќе ги предале на Обвинителството. Во тие информации ,велат, спаѓаат и разговори извршени со полицајци на граница и во други служби.
Безмалку цела седмица по бегството во приказната се вклучи и Судскиот совет со потврда дека и за нив Никола Груевски е бегалец. Иако седница на Советот немало, денес колегиумот на Судскиот совет по допрен глас отворил постапка за да утврди дали судијата за извршување санкции во Кривичниот суд имал пропусти при реализирањето на затворската казна на Груевски.