Одлуката, како што појаснуваат од Стејт департментот, значи дека Груевски, Мијалков, Тадиќ, како и членовите на нивните потесни семејства се неподобни за влез во САД, како и замрзнување на нивните имоти таму и забрани за трансакции
Поранешниот премиер Никола Груевски и ексшефот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, се најдоа на црната листа на САД, соопшти Стејт департментот.
Покрај нив, на црната листа се најдоа и Гордана Тадиќ, која беше главна обвинителка на Босна и Херцеговина и Слободан Маровиќ, поранешен претседател на заедничката држава на Србија и Црна Гора.
Американската влада соопшти дека се решила на ваков чеков како одговор на нивната вмешаност во значителна корупција.
„Нивните постапки го поткопаа владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси во двете земји и ја нарушија довербата на јавноста во владите. Додека беше премиер, Груевски беше вмешан во коруптивни дела кои вклучуваа искористување на неговото политичко влијание и моќ за лична корист. Постојат веродостојни информации дека Груевски ја злоупотребил моќта на својата функција за да бара и зема мито во замена за владини договори, присвојувал државни средства и се мешал во изборните процеси за да има политичка корист за себе и за неговата партија“,
пишува во одлуката на Стејт департментот.
Груевски, забележува Стејт департментот, е осуден, а останува осомничен во многубројни судски случаи на корупција и обвинет е за злоупотреба на службената положба, перење пари и други кривични дела направени додека беше премиер од 2006 до 2016 година.
„Континуирано избегнуваше апсење за пресудата против него во 2018 година за обвинение поврзано со корупција, што претставува сериозно назадување во поднесувањето одговорност за корупцијата и коруптивните активности во Северна Македонија“,
наведува Стејт департментот.
Исто така, се забележува и дека тој е сопственик на унгарската компанија ИЦИЦ КФТ која е регистрирана како друштво со ограничена дејност во Пецел, Унгарија.
Тој, според Стејт департментот, се смета за лице кое е одговорно или соучесник односно директно или индиректно инволвиран во корупцијата поврзана со Западен Балкан.
И за Мијалков е наведено дека бил вмешан во коруптивни дејствија кои вклучувале искористување на неговото политичко влијание и моќ за личен бенефит. Слично како и за Груевски, и за него се напоменува дека има веродостојни информации дека тој ја злоупотребил моќта и функцијата за да бара мито во замена за зделки со Владата, како и дека се мешал во изборите со цел да има политичка корист за себе и за неговата партијата.
Одлуката, како што појаснуваат од Стејт департментот, значи дека Груевски, Мијалков, Тадиќ, Маровиќ како и членовите на нивните потесни семејства се неподобни за влез во САД, како и замрзнување на нивните имоти таму и забрани за трансакции.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.