САД и ЕУ: Справувајте се со корупцијата

Брзи реформи, независно судство и „стоп“ за политички влијанија. Меѓународниот фактор испрати јасна порака до власта, за Реформската агенда на патот кон ЕУ.
Борбата против корупцијата е клучна на евроинтегративниот пат, вели евроамбасадорот Рокас. Заменик-амбасадорката на САД, Варнс, додаде дека транспарентноста и отчетноста кога станува збор за владеењето на правото, се најважни во спроведувањето на реформите.
Тие денеска беа во Владата, на Конститутивната седница на Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата.
„Актерите мора да престанат да се мешаат во работењето на судовите и на правосудните органи и тоа да не се прави во политички цели. Забележавме дека неодамнешните интерпелации не даваат законски основи за разрешување на членовите на Судскиот совет, а независноста на советот е важна за функционирање на судството“, вели Михалис Рокас, амбасадор на ЕУ во РС. Македонија.
За заменик-амбасадорката на САД, нарушената доверба во судството е резултат на неефикасноста. Никол Варнс смета дека ако корупцијата се толерира – ќе трпи развојот на економијата, социјалната доверба и конкурентноста на земјата на глобалната сцена.
Шефот на мисијата на ОБСЕ во земјава, Килијан Вал, е загрижен од (не)спроведувањето на антикорупциските заложби на Македонија, преточени на хартија.
„Кога се донесуваат владини одлуки позади затворени врати и кога судските пресуди се неочекувани и кога имаме нејасност во правосудниот систем, тогаш корупцијата „цвета“. Зајакнувањето на правосудните органи бара реформи, активности и пред сѐ и најважно – политичка волја“, вели Никол Варнс, заменик-амбасадорка на САД.
„На 27 февруари, Државната комисија за спречување на корупцијата ги презентираше прелиминарните резултати од спроведувањето на Националната стратегија за борба против корупцијата. Осумнаесет проценти исполнување на планираните активности во 2024 година претставува загриженост за нас“, вели Килијан Вал, шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Со Меѓуресорското тело претседаваше вицепремиерот за добро владеење и транспарентност, Арбен Фетаи. Тој нагласи дека ова владино тело нема да биде само форум за дискутирање и дебата, туку цели да стане главен механизам за притисок при спроведувањето на законите.
The post САД и ЕУ: Справувајте се со корупцијата appeared first on 365.mk.

Пронајдете не на следниве мрежи: