„Јас реков принципиелно дека повеќе сакам да зборувам за тоа која е мојата визија и она што сакам јас да направам. Мислам дека коментарите едни за други можеби треба да ги оставиме за некои други времиња, а повеќе да се сконцентрираме на тоа која е нашата платформа и со што ќе настапиме пред членството кое верувам дека многу добро не познава“, вели Петровска
Славјанка Петровска, една од кандидатите што денеска официјално влезе во трката за претседател на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) вели дека во изминатите години од нејзиното членување во партијата, членовите најдобро колку е сработено. Изјавата на Петровска доаѓа откако нејзиниот сопартиец и противкандидат за лидерското место Јован Деспотовски денеска при поднесувањето на кандидатурата рече дека клучната разлика од останатите противкандидати е што тој нема да зборува туку ќе работи.
„Знаат со која динамика се вклучувам во активностите на процесите, така што со Јово Деспотовски, како и со останатите кандидати, се познавам долги години, сме работеле заедно на проекти. Но, како што реков, членството е тоа што најдобро знае за секој еден од нас колку сработил во делот на партиското дејствување“,
рече Петровска во вечерашното гостување во емисијата „24 анализа“ на Телевизија 24.
Прашана дали и Деспотовски знае колку таа има сработено, Петровска рече дека не знае која е причината за таквата изјава и оти не би сакала да ја толкува.
„Јас реков принципиелно дека повеќе сакам да зборувам за тоа која е мојата визија и она што сакам јас да направам. Мислам дека коментарите едни за други можеби треба да ги оставиме за некои други времиња, а повеќе да се сконцентрираме на тоа која е нашата платформа и со што ќе настапиме пред членството кое верувам дека многу добро не познава“,
рече Петровска.
За сите овие години заедничко дејствување внатре во партијата, вели Петровска ,сите сме свесни за одредени предности или слабости кои секој од нас ги има.
„Но, не верувам дека потенцирајќи туѓа слабост, која можеби членството ја знае и ја препознава, меѓутоа потенцирајќи ја од моја страна, не сметам дека ќе ме направи поголема во очите на членството. Ќе се држам до она што е напишано во мојата програма и во она што ќе бидат моите визии пред членовите на СДСМ“,
вели Петровска.
Поднесувањето кандидатури за претседател на СДСМ истекува утре, а денеска за лидерската позиција во трка влегоа тројца кандидати. Утринава прв канидатурата ја поднесе ексминистерот за здравство и актуелен пратеник од редовите на СДСМ, Венко Филипче. Потоа кандидатурата за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во партиското седиште ја поднесе ексминистерката за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска. Трет беше актуелниот директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски.
Според Филипче, денешниот ден симболично го означува почетокот на реформи и на промени во партијата. Тој рече дека неговата програма за работа како потенцијален претседател на СДСМ се темели на информации, сугестии и барања од членовите со кои, како што рече, имал средби изминатите два-три месеци. Од членството му било укажано што е тоа што треба да биде променето во партијата, а токму тоа, рече Филипче, е дел во програмата.
Петровска, пак, излезот од состојбата во која се најде СДСМ по изборниот пораз, го нуди во нејзината програма наречена „Манифест за социјадемократијата“, со која ќе ја бара довербата на членството.
Осврнувајќи се на последниот изборен пораз, Петровска рече дека СДСМ и во минатото доживувал порази, како и победи, но овој пат вели ситуацијата е специфична, особено, како што рече, имајќи ги предвид и политичките околности во државата, додавајќи дека на ниту една држава, особено на Северна Македонија не ѝ треба слаба опозиција или никаква опозиција.
Нов почеток е и слоганот со кој Деспотовски ќе настапи на внатрепартиските избори, а под истото име е заведена и официјалната веб-страница на која е објавена програмата што ја застапува со неговиот тим. Зад неа, како што рече Деспотовски на денешната прес-конференцијата, стојат повеќемина партиски дејци, граѓани и стручни лица.
Постапката за кандидирање започна на 31 мај и трае до утре. Право да поднесат претседателска кандидатура имаат сите членови на СДСМ кои ги исполнуваат критериумите, меѓу кои, да имаат најмалку петгодишно членство во СДСМ и најмалку еднаш да биле избрани од партискиот конгрес за член на некој од органите на партијата.
Внатрепартиските избори во СДСМ се закажани на 30 јуни, а следуваат по оставката на лидерот Димитар Ковачевски кој по поразот на двојните избори поднесе оставка заедно со раководството на партијата. В недела, на 9 јуни, социјалдемократите ќе одржат отчетен конгрес на кој ќе се анализираат причините за изборниот резултат.